Најавени големи инфраструктурни зафати во Скопје во 2015

За градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски за градот Скопје 2014 година беше успешна година и  Градот Скопје  беше едно големо градилиште, а за 2015 година најави дека интензивно се работи на подготовка на многубројни проекти со акцент на големите инфраструктурни зафати.

-Завршивме значајни инфраструктурни проекти и решивме долгогодишни проблеми на граѓаните. Скопје во 2014 година наликуваше на големо градилиште. Се пробиваа и прошируваа улици, се градеа нови објекти и плоштади, се подобруваше водоводната и канализациската мрежа, се реновираа училишта, се подобруваше јавната хигиена, се засадуваа дрвја, се организираа културни и спортски манифестации, истакна Трајановски.

Тој спомна дека во 2014 година бил  прошириен и реконструиран првиот дел од улицата Трета македонска бригада, која прерасна во широк и проточен булевар; се прошири третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов; се проширува улицата Јордан Мијалков; се гради кружен тек на булеварот Партизански одреди, кај Порта Влае; ја проширивме крстосницата кај Шумарскиот факултет; ги обновивме крајните сообраќајни ленти пред пет автобуски стојалишта.

Трајановски посочи дека во 2014 година биле подигнати и нови парковски површини - покрај булеварот Февруарски поход, по должината на проширениот дел од булеварот Трета македонска бригада и покрај булеварот Видое Смилевски Бато, а се уредува и нова зелена површини во паркот „Македонија“.

-Сакам да споменам и неколку други проекти што се реализираа или почнаа да се реализираат во 2014 година: се изведува третата фаза од фекалниот колектор во населеното место Инџиково; реконструирана е атмосферската канализациска мрежа на улицата Финска, на булеварот Киро Глигоров, под стоковната куќа „Мост“ и на улицата Павел Шатев, кај подвозникот; општините Кисела Вода и Аеродром добија подземни контејнери; ја расчистивме големата дива депонија на улицата Гарсија Лорка во Шуто Оризари и на тој простор засадивме 100 зимзелени дрвја; вложивме 33,5 милиони денари за реконструкција на 15 средни училишта; го обезбедивме железничкиот премин кај Усје; и многу други проекти, објасни градоначалникот Трајановски.

Трајановски додаде дека во Градот Скопје во моментов интензивно се работи на подготовка на многубројни проекти за наредната, 2015 година, а акцент ќе биде ставен на големите инфраструктурни зафати.

- За наредната 2015 година на подрачјето на Општина Чаир се планирани неколку поголеми инвестиции: делумно проширување на булеварите Христијан Тодоровски Карпош, Цветан Димов и Никола Карев. Во соработка со службите на Општина Чаир веќе работиме на расчистување на имотно-правните односи, истакна Трајановски.

Како најголем проект кој во моментов се реализира на подрачјето на Општина Карпош е третата и последна фаза од проектот за реконструкција и проширување на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, а кој својата завршница ќе ја доживее наредната година, напролет.

Трајановски посочи дека во Буџетот за 2015 година се  предвидени средства за реконструкција на фекалната мрежа од улицата Московска, по должината на булеварот Партизански одреди, а се разгледува и проектот за изградба на кружен тек кај ХУБО маркетот. Градоначалникот потенцираше дека скоро во сите општини во 2015 година ќе се реализираат веќе започнатите проекти кои се од огромно значење на граѓаните, а интензивно се работи на подготовка на многубројни нови проекти.

 

 

Оцени ја веста

29.12.2014 - 14:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега