Од 1 јануари нови поволности од ФЗОМ

Три ортопедски помагала од 1 јануари ќе бидат на товар на Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Ќе се воведе електромоторна инвалидска количка – скутер за лица од 7 до 26 години и постари од 65 години со траен инвалидитет, ќе се олесни постапката за остварување на право на помагалото вештачка дојка и ќе се воведе право на батерии со шестмесечна заверка на потврдата за осигурениците со кохлеарен имплант.

Новините во делот на ортопедските помагала Фондот ги воведува како резултат на соработката со Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“, како поквалитетно решение во корист на осигурениците. 

Директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева Змејкова денеска на прес-конференција на која ги презентираше новините, рече дека правото за електромоторна инвалидска количка - скутер се однесува за сите лица кои имаат одземен од и одземена една рака или две. Посочи дека првпат се остварува ново право после 2000 година во сегментот за инвалидски колички. Фондот за воведувањето на скутерот годишно дополнително ќе одвои 14 милиони денари.

Ова право за да го оставарат околу 1.000 граѓање во спедните пет години, нагласи Парнарџиева Змејкова, потребно е да обезбедат конзилијарно мислење во соодветната Клиника за својата дијагноза како и дополнителни специјалистички прегледи со цел да ни потврдат дека се способни за управување со електромоторна инвалидска количка-скутер односно безбедно може да ја користат во сообраќај.

- Во 2015 година очекуваме 200 од 1.000 граѓани веќе да ги подигнат електромоторните колички. Тоа се или нови лица кои имаат ваков вид инвалидитет или постојни кои досега користеле универзална количка, а сега им истекува периодот на нејзино користење и кога доаѓаат во подрачните служби на Фондот може наместо таква да подигнат електромоторна инвалидска количка - скутер и собна количка дополнително, рече Парнарџиева Змејкова.

Електромоторните инвалидски колички – скутери се движат на електрична енергија, со едно полнење можат да поминат од 40-45 км., имаат специјално прилагодени седишта за полесен влез и излез, се движат со брзина од 10-15 км. на час, но лимитирана на максимални 25 км. на час.

Во врска со втората новина намената за осигуреничките кои имаат потреба од ортопедско помагало - вештачка дојка, таа појасни дека тие потврдата ќе ја добиваат од избраниот лекар. Укажа дека препораката/отпусното писмо од болница за помагалото ќе биде потребна само при првото остварување на правото, а потоа секоја година само од матичниот лекар ќе ја добиваат оваа потврда за ортопедско помагало.

- Третата новина се однесува на осигурениците со кохлеарен имплант кои ќе можат да остварат право на батерии и наместо досегашната месечна заверка на потврдата за потреба на ортопедско помагало, се воведува една потврда за потреба од ортопедско помагало со важност од 180 дена, со назначен датум на потврдата, соодветно за секој месец, истакна Парнарџиева Змејкова.

Претседателот на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“, Бранимир Јовановски рече дека соработката со Фондот ќе ја продолжат и натаму.

- Електромоторниот скутер ќе биде од голема корист за лицата над 65 години со претпоставка дека нивниот организам заслабнува и дека туркањето за придвижувањето на инвалидската количка со раце за нив е релативно потешко за разлика од младата генерација, како и за лицата до 26-годишна возраст кои се многу активни во смисла одење на училиште, на работа, забавен живот, спортски активности итн., посочи Јовановски и додаде дека иницијативата е за поздравување. 

 

 

Оцени ја веста

29.12.2014 - 14:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега