Позитивен тренд на соработката на полицијата и граѓаните во Македонија

Соработката меѓу полицијата и граѓаните има позитивен тренд во однос на 2012 година, но се уште треба да се унапредува. Има простор да се подобрува и работењето на локалните советодавни групи на граѓани, покажуваат резултатите од направеното истражување од 1 до 14 јуни 2014 година во кое се опфатени 2.600 граѓани и 500 вработени во полицијата од осум региони.

Како што нагласи денеска Никола Спасов од агенцијата „Рејтинг“, која го спроведе истражувањето, на презентирањето во присуство на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и амбасадорот на ОБСЕ Ралф Брет, стравувањето за личната безбедност треба да биде третирана како сериозна тема бидејќи се покажува повисок процент на засегнати граѓани споредбено со 2012 година.

Согласно резултатите од „Истражување на јавното мнение за полициското работење”, кое се спроведува од 2002 година, се уште постои дискрепанца меѓу Македонците и албанската етничка заедница во однос во довербата и соработката, и во таа насока има простор да се подобрува.

Токму мислењето на граѓаните, истакна министерката Јанкулоска,  е една од најрелевантните оценки, бидејќи на избори тие ги казнуваат и наградуваат вистинските или погрешните политики, но и го даваат мандатот и ги поддржуваат проектите и програмите за кои мислат дека ќе го подобрат нивниот живот.

Таа посочи дека процентот на граѓаните кои се задоволни од полициското работење е зголемен за околу 20 отсто, а приближно 3 проценти во изминатите две години е зголемен и бројот на граѓани кои и веруваат и ја почитуваат полицијата во нивната заедница. Во контекст на довербата на граѓаните во полицијата, потенцира Јанкулоска, просекот во земјите-членки на ЕУ е 42 проценти, а во РМ тој процент е 64,2. 

Јанкулоска меѓу другото истакна дека во иднина мора да се корегираат активностите каде е забележана стагнација или намалување, како што се прашањата за тоа колку полициските службеници посветуваат внимание на проблемите со  луѓето и да ги подобри односите со граѓаните.

- Повторно се бележи напредок за транспарентноста во работењето. Имено, 71,5 проценти од граѓаните позитивно одговориле на прашањето: Полицијата успешно ги користи медиумите за објавување на информации за јавната безбеднсот, рече Јанкулоска.

Истражувањето, подвлече таа, укажува дека треба да ги насочиме напорите пред се кон непочитување на правилата и прописите на сообраќајот, но и во однос на загриженоста на граѓаните од кражби, продавање и користење дрога во заедницата, разбојништво, малолетничка деликвенција, вандализам, консумирање алкохол, семејно насилство и проституција.

Амбасадорот на ОБСЕ Ралф Брет нагласи дека се забележува зголемување на нивото на доверба на граѓаните кон полициата. Според него, во иднина треба да се посвети поголемо внимание на работата на локалните совети за превенција, а презентирањето на шестмесечниот извештај да се овозможи преку законски измени, задолжително да се презентира и да се дискутира за него во локалната самоуправа.  

Важен заклучок што произлегува од истражувањето, подвлече Брет, е дека е потребно секој СВР да располага со одредени финансиски средства, затоа што во моментот немаат сопствен буџет. 

- Важна работа е барањето на граѓаните за поголемо присуство на униформирани полициски службеници на теренот, посебно во руралните средини кои се доста слабо покриени со полициско присуство кое главно се должи на недостиг на службени возила во СВР, рече амабсадорот Брет. 

 

 

Оцени ја веста

29.12.2014 - 15:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега