Собранието прифати четири предлог-закони за наставници во прво читање

Собранието на РМ денеска ја продолжи 29 седница на која поддржа во прво читање четири предлог-закони кои се однесуваат на професијата наставник – за формирање академија за наставници, регулирање на наставничката професија, за новини за директори на образовни установи и за педагошки факултети.

Академијата за наставници треба да организира обуки, да дава и одзема лиценци на наставници во јавни и приватни, основни и средни училишта во РМ. Услов да се запише на академијата е кандидатот да има завршен педагошки факултет или друг факултет за одредени предмети и да положи приемен испит. Во моментот на прием секој ќе има стипендија од 100 проценти од просечна нето плата се до завршување на обуката и полагање на завршниот испит.

Траењето на обуката ќе зависи од видот на претходно завршениот факултет – за тие со педагошки факултет ќе трае осум месеци (три месеци теоретски и пет месеци практичен дел), а за други факултети (за одредени предмети) обуката ќе трае 12 месеци (четири месеци теоретски и осум месеци практичен дел).

Со завршниот испит кандидатот ќе стекне лиценца за наставник. Лиценцата ќе има рок од пет години и потоа ќе се обновува. Ако се обнови трипати, лиценцата станува трајна.

-      Посебен акцент се става на практичниот дел за идните наставници да стекнат знаења и вештини за да бидат достојни наставници. Му се гарантира работно место на наставникот во основни и средни училишта. За тие што веќе работат, лиценцирањето не е задолжително, но ако сакаат и се запишат, ќе имаат интензивна и пократка обука и ако се лиценцираат ќе добијат додаток на плата од 3.000 денари месечно. Ова е со цел актуелниот наставен кадар да се стимулира за да се лиценцира, но и да стекнат нови вештини и знаења за изведување настава. Главна цел е да се зголемат нивните вештини за интерактивна настава. Апелирам до сите страни да се вклучат активно за резултатите да дојдат што побрзо, рече ресорниот министер Абдилаќим Адеми образложувајќи го предлогот.

Квотите за упис ќе ги донесува Владата со предлог на Академијата. Обуките ќе се засноваат на петгодишна програма според потребите на секое училиште и општина и врз основа на потребите на настава на одреден наставен јазик. Во предлогот се дефинираат раководни органи – Управен одбор со девет члена, директор и заменик со три години мандат со право на реизбор, се дефинира и главен, стручен орган од девет члена (од кои пет странски експерти и четири домашни со менлив мандат за да се сочува континуитетот на телото). Се дефинираат надлежностите на програмскиот совет и начинот на работа на советот.

Предавачи на теоретскиот дел од обуката може да бидат професори кои исполнуваат критериуми на Законот на високо образование, а на практичен дел предавачи со звање ментор-советник. Практичната обука ќе се одвива во училиште во кое има наставник со соодветна квалификација и кое е блиску до населеното место на кандидатот.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја поздравија иницијативата за формирање нова институција и сметаат дека со неа професијата ќе се деполитизира зашто на наставникот со завршена академија ќе му се гарантира работното место. 

Нов закон што го предлага МОН и е прифатлив во прво читање за пратениците е Предлог-закон за наставници во основните и средните училишта, со кој наставничката професија ќе се регулира со закон.

- Целта е професијата наставник да биде почитувана и наставниците да го заземат заслуженото место. Затоа се дефинира со закон кој може да се вработи како наставник и сите кои во иднина ќе се вработуваат треба да имаат академија на наставници, истакна министерот Адеми.

Појасни дека ако на конкурс за наставник не се пријави кандидат со лиценца, може да биде примен и наставник без лиценца, но по една година повторно ќе биде распишан конкурс.

Законот овозможува кариерен и професионален развој на наставниците кои ќе добиваат квалификации – наставник, наставник-советник и наставник ментор. Со секоја квалификација ќе им се зголемува и платата.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев го поздрави предлогот зашто, рече тој, конечно се регулира една сфера во образованието – професионалниот и кариерниот развој на наставниците.

-  Досега најнапредна фаза беше класен раководител и не се можеше погоре од тоа. Но сега таа тажна ситуација за една благородна професија е минато со оваа новина, рече Данев.

Во прво читање беше прифатен и Предлог на закон за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење. Целта е да се добие квалитетен менаџерски кадар во овие институции.

Адеми рече дека кандидатите за директори ќе треба да поминат низ основна и напредна обука од шест модули во траење од 192 часа, која ќе ја спроведува Државниот испитен центар. По завршниот испит ќе му биде доделена лиценца. Разликата меѓу новата и лиценцата што директорите ја добиваа досега е во тоа што што ќе нема разлика меѓу лиценца за основно и за средно, т.е. кандидатот ќе може да конкурира за директор и во основно и во средно училиште. Новина е можноста за одземање на лиценцата. Психолошки и тест за интегритет и компјутерски вештини се обврска за идните директори на образовни установи.

Првпат се предлага и закон за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование (педагошки факултети). 

Со предлогот се дефинира начинот на основање на педагошките факултети. Во иднина нив ќе ги има само на државните универзитети. Сите педагошки факултети ќе имаат унифицирани студиски програми, а тие ќе бидат усогласени со потребите на основното и средното образование и со надлежностите на наставниците.

Студиите ќе траат четири години со 240 кредити и теоретски и практичен дел за секоја студиска година. Се дефинираат законите за избор на наставници во согласност со Законот за високо образование и условите за успис на идни студенти. На педагошки факултет ќе може да се запише секој кандидат со положена државна матура и најмалку 4 просечна оценка во средно образование. За секој кандидат, без исклучок,  ќе има приемен испит.

Квотите со предлог на универзитетите ќе ги усвои Владата. Секој студент запишан на педагошки факултет ќе има стипендија во износ од 50 отсто од просечната плата во РМ. За да му се продолжи стипендијата во наредните студиски години, студентот треба да има успех од најмалку 8 просечна оценка. Со секој студент МОН ќе потпише договор за меѓусебните обврски. За студенти на други факултети (за одредени предмети) стипендијата ќе се утврди со одлука на Владата.

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми истакна дека во фокусот на сите четири предлог-закони е наставникот - од неговото студирање и стекнување на звањето до вработувањето и понатаму развојот на неговата кариера. 

МИА

 

 

Оцени ја веста

30.12.2014 - 13:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега