Честитка од Иванов по повод новогодишните и божикните празници

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов упати честитка до граѓаните по повод новогодишните и божикните празници во која им посакува здравје, среќа, успех и им се заблагодарува за нивниот придонес за доброто на земјата.

- Празниците се момент за нова надеж и нова верба дека ни претстои подобра и поуспешна година за сите нас. Празниците се момент кога си посакуваме многу здравје, многу радост и многу среќа во годината што доаѓа. На прагот на новата година благодарни сме на сите граѓани кои нѐ израдуваа, охрабрија и нѐ поттикнаа на добри мисли и добри дела. Благодарни сме на трудољубивите стопанственици и земјоделци. Благодарни сме на грижливите родители. Благодарни сме на уметниците кои со своите дела, изложби и изведби ги освoјуваа светските сцени. Благодарни сме на нашите спортисти и талентираните млади научници кои освојуваа признанија за Македонија. Благодарни сме на храбрите македонски војници кои будно ја чуваа нашата безбедност. Благодарни сме на сите оние кои ја сакаат, почитуваат и чуваат Македонија, вели македонскиот претседател.

Сите ние, вели Иванов во честитката, сме различни, но суштински сме еднакви. Секој од нас придонесува кон создавањето на сликата која другите ја имаат за нашата татковина Македонија.

Претстојните празници, додава македонскиот претседател, се и можност да се потсетиме на вистинските вредности од кои произлегуваат нашите мисли и зборови, нашите дела и навики, но и нашата иднина. 

- Затоа, да им се радуваме на малите нешта што ја чинат големината на животот. Да им го посветиме сето наше внимание, нашата љубов и почит на нашите семејства, на нашите деца, на нашите соседи и пријатели. Да ги споделиме добрите мисли и надежи со болните, со немоќните и со сите оние на кои им е потребна нашата утеха, помош и поддршка. Да ја негуваме нашата традиција на соживот со почитување и прифаќање на различните од нас. Да ја градиме Република Македонија според највисоките европски вредности, критериуми и стандарди, посочува претседателот на Република Македонија.

Во сè што правиме, вели претседателот Ѓорге Иванов, да и го посакуваме на Македонија највозвишеното, да продолжиме да се престигнуваме во добрина затоа што од нас самитезависи иднината на Македонија.

 

 

Оцени ја веста

31.12.2014 - 13:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега