Расте поддршката од професорите за државниот испит

Расте поддршката од професорите за концептот државен испит кој ќе го зголеми квалитетот во високото образование.

Откако група од 200 професори потпишаа иницијатива за поддршка на државниот испит, денес ним им се придружуваат колеги од цела Македонија.

 Според информациите, иницијативата во секој момент добива нови приврзаници.

Професори од речиси сите факултети, јавно ја даваат поддршката за новите реформи во високото образование.

Како што дознава Курир, утрово уште десетина професори и покрај притисоците, се потпишаа на иницијативата.

На оние 200 кои веќе ја дадоа силната поддршка им се приклучуваат и: професор доктор Борче Георгиевски, проф. д-р Мирјана Каева Пејковска, д-р Ѓоко Ѓорѓиевски,  м-р Петко Златески, проф. д-р Александар Сиколе, проф. д-р Круме Николоски, доц. д-р Марјан Делипетрев, проф. д-р Сузана Кратовалиева, професор д-р Драги Митревски, доцент д-р Валентина Илиева.

ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА ЗА ПОДДРШКА НА ЗНАЕЊЕТО ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ

1. Знаењето е основната движечка сила во секоја професија. Знаењето е клучната енергија што го движи светот напред. Како одговорни граѓани, не смееме да останеме неми пред обидите за тесна политичка манипулација на високото образование во Република Македонија.

2. Цврсто убедени дека воведувањето на државниот испит во високото образование ќе ја исполни основната и единствена цел заради која се воведува, со индигнација ги отфрламе сите инсинуации дека со воведувањето на државниот испит се правел упад во автономијата на универзитетот.

3. Автономијата на универзитетот секогаш била и мора да остане тесно поврзана со начелото на јавната одговорност на универзитетите во однос на заштитата и развојот на општеството и на државата.

4. Високото образование е неспорна државна одговорност! Европските трендови во однос на автономијата на универзитетите е дека таа може да биде одржлива единствено и само преку ефективните механизми на економската одржливост, која, пак, е зависна категорија од вредностите и услугите што универзитетите му ги испорачуваат на пазарот на трудот. Колку повеќе знаење во високообразовниот систем, толку е поуспешна државата! Современиот концепт на автономен универзитет е концепт на пазарно-ориентирана автономија! Република Македонија мора да го следи овој тренд! Друг избор не постои. Нема економски раст без соодветен раст на образованието! Не смееме да го премолчиме фактот дека суштината на модерната дебата за автономијата на универзитетот и академската слобода се врти околу прашањето за новите форми на одговорност што универзитетите ги имаат кон државата, кон општеството, како и посебната одговорност кон корисниците на универзитетските услуги. Универзитетите во модерниот свет се рамноправни, а не привилегирани институции во системот.

5. Предлог-моделот за воведувањето на државниот испит во високото образование не е спротивен на македонскиот устав и во ниту еден сегмент не ја повредува уставно-загарантираната универзитетска автономија. Државниот испит ќе го спроведува Одборот за акредитација и евалуација на високото образование кој што на ниеден начин не може да влијае на нарушување на автономијата на универзитетите бидејки се основа од основачот на државните универзитети. Основната цел на оваа мерка е подобрувањето на вкупниот квалитет на македонското високо образование во полза на студентите и на професорите. Не е добро ниту за студентите, ниту за државата да се произведуваат генерации на студенти кои формално имаат дипломи, но немаат суштинско знаење.

6. Со оваа иницијатива велиме „НЕ“ за бизнис интересите, профитерите и манипулациите во високото образование. Велиме гласно „НЕ“ за купените дипломи; „НЕ“ за оценките со протекции; „НЕ“ за нелојалната конкуренција во и меѓу факултетите и универзитетите, а големо „ДА“ за знаењето и за квалитетот во високото образование. Тоа е нашата мисија, но и нашата најголема обврска како одговорни чинители во високообразовниот систем. VIVAT ACADEMIA! VIVANT PROFESSORES!

 

 

Оцени ја веста

31.12.2014 - 13:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега