Македонија и во 2015-та ќе биде лидер во економски раст

Македонската економија во 2015 повторно ќе расте побрзо од економиите на земјите во регионот. Според проекциите на Народната банка, растот на БДП во следната година ќе изнесува 4,1%.

– Во услови кога глобалното закрепнување и особено закрепнувањето на европската економија сè уште се смета за доста кревко, за македонската економија се очекува дека ќе оствари повторно релативно висока стапка на раст при вакво окружување, како и натамошно умерено забрзување на растот, главно воден од домашните двигатели на растот. Од друга страна, имајќи ги предвид структурните промени во нашата економија во последниве години, може да се каже дека постојат можности за повисок раст. Тие се најмногу поврзани со ефектите од новите компании со странски капитал, кои при нашите проекции се обидуваме да ги процениме најреално што можеме, но сепак тука постојат потенцијални нагорни ризици. Дополнително, и евентуалното побрзо заздравување на економиите на нашите трговски партнери може да делува во насока на побрз раст на домашната економија, но тоа е придружено со неизвесност, во неодамнешното интевју за МИА изјави гувернерот Димитар Богов.

Година на странски инвестиции

Главни двигатели на растот во 2015 година ќе останат странските инветсиции и капиталните проекти на државата. Во 2015 година се очекува да забрза инвестицискиот циклус во кој годинава влезе земјава, пишува Економски.мк.

Очекувањата се дека најмалку нови 25 компании ќе одлучат да инвестираат во земјава. Оние кои годинава донесоа одлука, догодина ќе почнат да ја реализираат инвестицијата. ОДВ Електрик во Охрид, КСС Системс во Кичево, Веибо во Ранковце, Амфенол во Кочани, Капкон во Скопје, Гентерм во Прилеп …се само дел од компаниите кои догодина ќе почнат со работа. Досега во зоните работат 11.000 лица, со планираните инветсиции бројката на нововработени најмалку двојно ќе се зголеми.

Освен новите работни места, новите компании го овозможија и она за што дваесетина години во земјава само се зборуваше – промена на структурата на извозот. Македонија веќе не е извозник само на полупроизводи и земјоделски производи. Сега, најпознатите автомобилски брендови носат голем број делови кои на себе го имаат знакот „Мade in Macedonia”, Maкедонија стана извозник на автобуси, електронски производи, машини. Извозот во споредба со лани порасна за близу 20 %, а само од зоните заклучно со ноември извезени се стоки во вредност од над милијарда евра.

Во 2015 не очекува градежна офанзива

Економијата ќе се стимулира преку изградба на патишта и инвестиции во железницата. Ќе се интензивира изгрдбата на трите автопати: Штип – Скопје, Кичево – Охрид и Демир Капија – Смоквица. На овие градилишта во моментов работат 1500 лица, од нив околу 1100 се државјани на Македонија. Догодина бројот ќе се зголеми.

Покрај автопатите, ќе се градат уште неколку важни патни правци. Прилеп – Градско, Штип – Кочани, Охрид – Пештани се само дел од делниците за кои државата веќе обезбеди пари и чија што изградба ќе почне во првата половина од 2015 година.

Продолжува изградбата на пругата кон Бугарија, реконструкцијата на железницата по должината на Коридорот 10, ќе почне изградбата на кракот до Кременица, Грција, ќе се реконструираат и железничките станици низ земјава

Сите овие проекти ќе ги работат фирми кои ќе ангажираат домашни работници и ќе влијаат на растот на економијата. БДП и во 2015, според прогнозите и на меѓународните институции, ќе биде највисок во регионот и меѓу највисоките во Европа. Очекувањата се дека трендот ќе продолжи и во 2015 и исто како и лани и годинава, македонската економија ќе биде меѓу првите во три земји во Европа по раст на БДП.

 

 

Оцени ја веста

31.12.2014 - 14:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега