Груевски: Реформите во образованието ќе донесат напредок за студентите, професорите и државата

 

Крупните реформи во образованието што ќе следат во наредниот период  ќе донесат напредок за студентите, професорите и државата, смета премиерот Никола Груевски. 

Како што истакнува во денешното новогодишно обраќање, следната година,  влегуваме со почната процедура за две крупни реформи во образованието.

- Со првата реформа се регулира дејноста наставник, се формира академија за наставници, и се даваат стимулативни мерки за секој  кој ќе се запише на Педагошки факултет, со цел таму да се привлечат најдобрите студенти. По оваа реформа секој кој ќе студира педагошки факултет ќе добива месечно по 10.500 денари за време на студирањето, бројот на запишани ќе биде ограничен и строго селектиран исклучиво според квалитетот, се воведува плус една година академија за време на чие студирање секој месец студентите ќе примаат по 21 илјада денари помош од државата, и конечно оние кои под овие услови во иднина ќе завршат ќе имаат загарантирано вработување, објаснува премиерот.

Има, вели, новини и за постојните наставници.

- Секој од актуелните наставници кој ќе заврши едногодишна академија, ќе има за 3.000 денари повисока месечна плата,  посочува премиерот и порачува дека целта е во иднина новите генерации да ги учат и оформуваат најдобрите и најквалитетните, добро обучени учители, наставници и професори во основните и средните училишта.

Втората крупна реформа е поврзана со високото образование, нешто што деновиве е многу актуелно. Со неа се предвидува, почнувајки од 2018-та, секој професор да издава најмалку два труда во пет години во реномирани меѓународни списанија со фактор на влијание, објавени на листата на Томсон Ројтерс - веб оф сајанс.

Ова, истакнува Груевски, предизвика вознемиреност кај дел од македонските професори, која резултираше и со протести, но на Македонија и се потребни квалитетни професори и напредни научници, кои својот квалитет нема да го мерат само локално меѓу себе преку колумни низ дневните весници и бистрење политика, туку меѓународно со своите колеги од сите напредни држави.

 

- Ова на краток период ќе го наруши нивниот комодитет, но долгорочно сите добиваме. И со оваа мерка, доколку целосно се спроведе, Македонија ќе остане меѓу последните во Европа според бројот на меѓународно признати трудови на македонските научни работници и професори, од некаде мора да се почне. Да не бидам погрешно разбран, факт е дека ние во моментов имаме меѓународно конкурентни професори, но нивниот број не е голем, и тоа е предизвикот пред нас. Споредбите со Словенија и другите земји од регионот каде имаат по 10 пати повеќе научни трудови, говорат се. Не сакам ни да помислам во овој момент да правиме споредба со земјите надвор од регионот како Германија, Франција или Америка, наведува премиерот. 

 

Според него, со втората значајна реформа, државниот испит, треба да стави крај на купувањето дипломи без знаење, на корупцијата на факултетите, на добивањето оценки без знаење, што е на штета на самите студенти, но и на целото општество. Македонија, порачува, нема избор, освен својата иднина да ја позиционира и базира на знаење и креативност.

 

- Не можеме иднината да ја базираме на некои огромни резерви на нафта, гас или други рудни богатства, ниту пак на илјадници километри морски плажи, ниту пак на што било друго што го немаме. Ги имаме нашите умови, и само со реално и меѓународно конкурентно знаење, интерактивна настава базирана на развој на креативноста и претриемничкиот и иноваторски дух можеме да очекуваме поголеми успеси и среќа, како индивидуално, така и колективно како држава, вели Груевски. 

 

 

Оцени ја веста

31.12.2014 - 15:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега