Државата ја зајакнува заштитата на жртвите на семејно насилство

Поголема превенција, поефикасни мерки за заштита на жртвите од семејно насилство, како отстранување на сторителот на насилството од домот, прецизирање на сите обврски на вклучените институции, како и рокови во кои треба да ги преземат активностите и мерките за заштита, нивна меѓусебна координација, мерки за економско јакнење на жртвите на ваков тип насилство, се само дел од решенијата од новиот Закон за превенција, заштита и спречување на семејното насилство кој почнува да се применува денеска, пренесува МИА.

Законот треба да овозможи почитување на достоинството и личниот интегритет на жртвите на семејно насилство, третирајќи го овој проблем како повреда на основните човекови права. Надлежните институции  се обврзани да постапуваат итно и одговорно, предвидено е и интерсекторското постапување и координирање.

Отсега натаму жртвите на семејно насилство ќе имаат приоритет во активните мерки и политики за вработување што треба да придонесе за побрзо и поефикасно економско јакнење и полесно вклучување на пазарот на труд, наоѓање соодветна работа за да можат економски да бидат независни и способни да го продолжат својот живот.

Предвидени се построги мерки за сторителите на семејно насилство. Доколку постои опасност по здравјето и животот на жртвата или член на семејството по пријава од страна на полицијата судот во рок од 24 часа треба да донесе привремена мерка за заштита на жртвата - отстранување на сторителот на семејното насилство од живеалиштето. Се подигнува и нивото на координација на институциите и дефинирање на сите надлежности на вклучените институции во спроведувањето на активностите за превенција, заштита и спречување на семејно насилство.

Со Законот се проширува опсегот на заштита и на жртвите на економско искористување, се утврдуваат надлежностите на институциите кои се одговорни да постапуваат во овие случаи и одговорноста за пријавување на сознание за сторено насилство до полициска станица или ценатар за социјална работа. Исто така, се дефинираат обврските на центрите за социјална работа и мерките кои треба да ги преземат за заштита на жртвите, но и итните рокови во кои треба да ги преземат соодветните постапки и активности, се прецизираат надлежностите на здравствените работници.

Се предвидува привремените мерки за заштита да ги изрекува Основен суд по предлог на Центарот за социјална работа, се подобрува регулативата во однос на подигнување на нивото на изречените судски мерки за заштита од семејното насилство. Во оваа насока предвидена е парична казна од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност за непочитување на одлуката.

Во предложениот закон се определуваат постапките и роковите во кои тие треба да ги преземе овластениот полициски службеник секогаш кога има пријава за семејно насилство. Најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата тој треба да изготви полициски извештај, да обезбеди жртвата веднаш да добие соодветна здравствена заштита, да изготви предлог за изрекување привремена мерка за заштита - отстранување на сторителот од домот и забранување на приближување до домот кој заедно со полицискиот извештај треба да го достави до надлежниот основен суд. Тој треба да го извести и надлежниот Центар за заштита заради преземање мерки за заштита на насилството.

Како новина е предвидено дека судот може да изрече привремена мерка за заштита врз основа на стручен наод и мислење на Центарот за социјална работа, како и врз основа на полицискиот извештај и предлогот за отстранување од домот и забрана за приближување во период од најмалку 14 дена. Изречената одлука за привремената мерка за заштита судот во рок од 6 часа од одржаното рочиште треба да ја достави до органот за прогон, кој во рок од 12 часа по приемот ја доставува до сторителот на семејното насилство. Доколку тој доброволно не го напушти домот во рок од два часа, полициските службеници ќе го отстранат.

Жените во Македонија доживуваат повеќе насилство од мажите, а психолошкото доминира над физичкото. Од почетокот на годинава до септември се регистрирани 694 случаи, од кои во 72,9 проценти на насилство биле изложени жени, 13,9 проценти мажи деца и 13,1 проценти деца. Во случаите на семејно насилство забележани се и две убиства и две киднаприрања.

Податоците на Министерството за труд и социјална политика покажуваат дека споредбено со истиот период минатата година бројот на случаи на семејно насилство е зголемена за 10,3 проценти, што, како што посочуваат, се должи на зголемената свест кај жртвите за пријавување, но и довербата што ја имаат во институциите.

Според податоци на МВР, пак, за 16,1 отсто е зголемен бројот на кривични дела за семејно насилство во првото полугодие од годината во однос на истиот период лани и регистрирани се 389 кривични дела сторени при семејно насилство, за разлика од лани кога биле регистрирани 335 кривични дела.

Од извршените 389 кривични дела, најголем број или 67 отсто се телесни повреди и 30 отсто се загрозување на сигурноста. Има и две убиства и две противправни лишувања од слобода, и по четири тешки телесни повреди и четири присилби.

Најголемиот дел од кривичните дела или 80 отсто се извршени со употреба на физичка сила или закана. Сторителите при извршување на кривичните дела во 95 случаи биле под дејство на алкохол, при извршување на три кривични дела сторителите користеле наркотична дрога, додека 167 дела ги сториле во состојба на психичко растројство.

 

 

Оцени ја веста

01.01.2015 - 10:53
Фото: 
вести

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега