Митрополит Наум: Нема причест - нема христијанство

Секоја година околу Божикните празници на површина излегуваат одредени недоумици околу нивното правилно прославување. За да нема многу забуни околу оваа проблематика решив да ви посочам еден ориентир по кого и најнеинформираните верници можат да се управуваат. Ориентирот е причестувањето со Светите Тајни на Телото и Крвта Христови во Светата Литургија на Црквата. Секој празник во Црквата има една и единствена цел – причестување со Светите Тајни Христови. Без остварување на оваа цел, може да стане збор за сѐ, само не и за верско и побожно славење на Бог. За употреба на овој ориентир нема потреба од не знам какво познавање на догмите, каноните или црковните правила, ниту од итна консултација со духовен отец.

На пример: имаме недоумица во однос на подготовката на таканаречената бадникова семејна вечера. Сега, ако знаеме дека главна цел при дочек на Рождеството Христово ни е причестувањето со Светите Тајни Христови, тогаш од трпезата веднаш отпаѓа рибата и сѐ што е подготвено на масло (зејтин).

За други мрсни работи и да не спомнувам – секој знае дека пред Причест се пости. Исто, на пример, и за палењето на огновите. Се случува ли таму пиење на алкохол и слушање и играње на музика – за храната веќе говоревме, се знае дека е тоа спротивно на постот, а со самото тоа недозволиво пред Причест. Така што, ако главен ориентир при секој дочек на некој црковен празник ни е причестувањето со Христос, тогаш никогаш нема да погрешиме при решавањето на пројавените недоумици.

Друго прашање е, на пример, дали одредени обичаи при црковните празнувања се пагански заостатоци или се туѓи, или се и едно и друго. На пример, палењето на огнови и собирањето и делењето на бадниковите гранчиња. За палењето огнови сите имаме доволно памет за да знаеме каков обичај се тие, иако може да им се даде и христијанска симболика. Но, ако на огнот ги додадеме алкохолот, музиката и световните песни и игри, тогаш колку и да сакаме нема да успееме да му додадеме и христијанска симболика – нема Причест, нема христијанство. Собирањето и делењето на бадникови гранчиња е само српски народно-црковен обичај и ниту на една друга помесна Православна Црква или народ; исто како и кршењето на лебот со паричката на бадниковата вечера. Оттука па натаму, ништо нема да кажам – секој нека се определи сам.

Толкувањето дека Божик е семеен празник, и таквото празнување, е исто така туѓо учење и туѓ обичај ̶ неправославен. Каква врска има непорочното и бессемено зачнување и безболното и девствено раѓање со засновањето на овоземното човечко семејство? Ама баш никаква! Значи имаме туѓо учење – неправославно, кое се надополнува со неправославна иконографија: каде што Јосиф и Марија стојат заедно наведнати пред колевката на Исус, за разлика од православната иконографија каде што Пресвета Богородица и Секогашдева Марија заедно со Богомладенецот Христос го заземаат централниот простор на иконата, а праведниот Јосиф, ако некој не знае, не ни може да го забележи на иконата – насликан негде на страна. Ако на ова го додадеме и нарочното организирање на семејна вечера токму на Бадник заедно со нарушувањето на определениот црковен пост, а со тоа и неможноста за Причест – се комплетира целата слика колку е сето тоа погрешно.

Исто така се наметнува и едно друго прашање: дали со собирањето околу огновите, ние тоа навистина Бог сакаме да Го прославиме со нашите постапки или сакаме своите овоземни или партиски страсти да си ги задоволиме? За секој жив и активен член на Црквата, па дури и за секој добронамерен и разумен човек одговорот на ова прашање е сосема јасен: штом се нарушува постот и штом за цел се нема Светата Причест, односно штом се запали оган и штом на тоа ќе се придодаде алкохолот, световните песни, игри и шеги, како и мрсното јадење, сѐ е јасно. Но, за да ги освестиме тие што ова го прават треба да ги прашаме − кога во исто време со палењето на огновите по градските маала би се организирал настап на позната турбо-фолк пејачка на градскиот плоштад и би се делело бесплатно храна и пиење, дали би останале околу огновите или би заминале на „поголемата и поубавата забава“ на плоштад. Од одговорот на ова прашање ќе зависи и заклучокот − дали тие луѓе се собираат околу огнот од верски причини, од некакво суеверие или за задоволување на своите страсти. А одговорот знаеме каков ќе биде  ̶  масовен.

Со што во ваков случај се соочува секој пастир на Црквата Божја? Како мудро и со расудување да го искористи секој повод и да ги придобие луѓето за Бог и да ги спаси. Со други зборови, добро е ако атеистот го донесеме барем до бадниковиот оган – за што и не треба голем труд. Оној што веќе доаѓа на огнот треба да му објасниме дека е добро барем да не го нарушува постот, а на собирањето околу огнот да гледа како на собирањето на пастирите на кои им било јавено доаѓањето Христово. На оние кои така се собираат околу огнот треба да им објасни дека вистинското славење на Бог сепак се заокружува со одење во црква и причестување со Светите Христови Тајни. Исто така треба да се објасни дека бесмислена е семејната бадникова трпеза ако на неа мрсиме и затоа останеме без Причест на Рождество Христово, итн., итн. Само, да не послужи ова последново како оправдување за учество во световни забави и за заработка на пари. Пастирската работа со луѓето нема за цел финансиска корист, туку духовно растење на доверените ни духовни  чеда. Значи, накратко, луѓето треба духовно да ги водиме и духовно да растат, а не истите луѓе секоја година да берат гранки и дрва по шумите, да палат и скокаат пијани околу огнови и да останат потсмев и на иноверните и на демоните – времен и вечен, а на голема жал на нашата Мајка, Пресветата Владичица наша Богородица и Секогашдева Марија.

 

Митрополит Струмички Наум за МПЦ

 

 

Оцени ја веста

04.01.2015 - 13:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега