Костени 100 денари, грав 160 - за посните празници ви требаат „мрсни“ 3000 денари

За да се наполни една скромна трпеза за празниците, на граѓаните им се потребни околу 3.000 денари. Освен гравче и риба на посната трпеза ќе се најдат и сармички, костени, смокви и овошје. Во сабота, пак, најголем дел од граѓаните планираат да се омрсат со свинско месо  
За да се наполни една скромна трпеза за празниците, на граѓаните им се потребни околу 3.000 денари. Риба, гравче, костени и по некое бутче свинско месо најмногу се бараше на пазарите вчера. Гужви, полни кеси и бадникови гранчиња в рака, ваква беше сликата на Зеленото пазарче, каде што граѓаните брзаа да купат по нешто за дома за да ги пречекаат коледарите и да ги наполнат трпезите за најголемите христијански празници Бадник и Божиќ. 

Сите велат дека планираат празниците да ги поминат во домашна атмосфера со најблиските. Цените на пазарите, пак, вообичаено малку повисоки за празниците.

Цената на костените се движи околу 100 денари за килограм. Рибата, на пример пастрмка се продаваше за 270 денари за килограм, оревите чинат 600 денари килограм.  Видов дека костените се поевтини од пред неколку дена, се изненадив. Некаде се 100 денари, а има и за 80 денари. Цените се како и секоја година, она што го забележав е дека во самопослуга сега има повеќе гужва отколку за Нова година. На трпеза не знам што ќе има, снаа ми што ќе подготви, вели за Вечер пензионерката Вера.

- Планираме поскромна трпеза, а празниците ќе ги прославиме со најблиските, вели и Момчило, кого го сретнавме на Зелен пазар, пишува Вечер/  

Освен гравче и риба на посната трпеза во вторник ќе се најдат и сармички, костени, смокви и овошје. Во средата, пак, најголем дел од граѓаните планираат да се омрсат со свинско месо. Скопјанката В. Т. редовно за трпезата на Бадник подготвува риба. Вчера трпеливо чекаше да дојде на ред пред рибарницата каде што и беше најголемата гужва.

 

- Би сакала да земам крап иако цените за празниците мислам дека се повисоки, сум купувала и порано, но биле поевтини. Сепак, се зависи и од квалитетот на крапот - вели таа. 

Цените на овошјето како и минатата година се движат околу 40 денари за килограм мандарини и 45 денари за банани. Од зеленчукот, пак, килограм маслинки чини 220 денари, додека со повисока цена, но вообичаено за овој период од годината беа доматите и краставиците.  За православните празници отсекогаш најмногу се купувале костени. Затоа и цената малку е покачена, додека цените на цвеклото, морковот, мандарините, јаболката се исти - изјави продавач на тезга.  Доколку граѓаните сакаат да се гостат со јагнешко, килограм во месарниците се продава околу 300 денари, исто колку и свинската кртина. Пилешкиот стек, и смрзнат и свеж, се продава за иста цена 235 денари за килограм.  Иако домашниот буџет најбрзо се троши во јануари поради празниците граѓаните велат дека не се воздржуваат да потрошат малку повеќе за да ги прослават празниците. 

 

 

Оцени ја веста

04.01.2015 - 23:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега