ФЗОМ со најголем историски буџет во износ од 24 милијарди денари

Фондот за здравствено осигурување на Македонија и за 2015 година ќе има историски најголем буџет во износ од 24 милијарди денари. Буџетот е зголемен за 1,4 милијарди денари односно 6,4 отсто во однос на минатата година. Фондот направи распределба и зголемување на буџетите на јавните здравствени установи во износ од 600 милиони денари (12,2 милијарди во 2014 година, 12,8 милијарди денари во 2015 година).

Ова денеска на прес-конференција го истакна директорката на ФЗОМ Маја Парнарџиева Змејкова, која рече дека дополнително на тие 600 милиони денари исто така 200 милиони денари од заштедите кои Министерството за здравство заедно со клиниките ги направило со паралелниот увоз, се прераспоредени во другите болници.

Оваа година, посочи таа, болниците почнуваат со 800 милиони денари повеќе средства во своите буџети. Проектот за условните или наменските буџети, како еден од најуспешните Фондот и оваа година го продолжува и го проширува.

- Досега проектот беше фокусиран на клиниките и оваа година покрај постојните клиники ја прошируваме палетата на нови здравствени услуги кај четири клиники и тоа за сколиози, очни хирургии, за стентирање на аортна аневризма и за аневризма на мозок. Значи, имаме нови условни буџети на клиниките за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар-ТОАРИЛУЦ, за очни болести, за неврохирургија и за кардиологија, рече Парнарџиева Змејкова.

Појасни дека континуираното инвестирање во јавното здравство во и вон Скопје во инфраструктура, нови вработувања, доедукација, во специјализација и нова опрема, им дава простор за условни буџети за болниците надвор од Скопје односно воведуваат условни буџети за општите и клиничките болници.

- Четириесет отсто од рутинските интервенции на кила, жолчка и слепо црево се изведувале во Скопје, а 60 отсто вон Скопје. Трендот е лош, бидејќи иако се инвестира во болниците вон Скопје, сепак, од година во година, осигурениците за рутински интервенции и понатаму се препраќаат во Скопје. Заедно со општите и клиничките болници при договарањето за буџетите во 2015 година утврдивме и наменски буџети квоти минимум интервенции кои тие треба да ги направат за овие три хируршки интервенции, истакна Парнарџиева Змејкова.

Во бројки, тоа значи дека предвидени се околу 1.400 дополнителни операции вон Скопје, од кои 300 на слепо црево, 420 на кила и 650 на жолчка. Односно, 1.400 осигуреници ќе бидат згрижени во најблиските болници за рутински интервенции. 

Директорката на ФЗОМ нагласи дека во 2014 година се изведувале во просек 56 рутински операции по хирург вон Скопје, односно 71 во Скопје, а со овој проект, во 2015 година, планот е во просек по хирург 70 рутински операции да се изведуваат вон Скопје. Тоа значи дека во просек секој хирург во општите болници во Македонија ќе треба годишно да изведува дополнително 14 рутински операции.

- Мораме да ги пофалиме општата болница Кочани, Струмица и Струга, чии хирурзи во 2014 година оперирале пациенти над просекот (71 операција по хирург годишно), односно оперирале рутински операции исто како нивните колеги во Скопје. Овие три болници нема да имаат никаков проблем да ги реализираат предвидените планови. Проектот ќе биде предизвик за клиничките болници Битола и Штип кои ќе треба да направат една третина повеќе операци во однос на 2014 година (980 Битола и 910 Штип), додаде Парнарџиева Змејкова.

Потенцира дека од општите болници со најголем предизвик ќе се соочат Кавадарци, Охрид и Гостивар, кои треба да изведат приближно 25 отсто поголем број на рутински операции (Кавадарци 350, Охрид 420, Гостивар 630).

- Целта на проектот е порамномерна распределба на обемот на работа на хирузите во Скопје и вон Скопје, како и подигнување на задоволството на осигурениците и тие да бидат згрижени за стандардни рутински интервенции во своите најблиски болници, а да не бидат препраќани во Скопје што ќе значи поголеми трошоци за нив, истакна директорката на Фондот.

Додаде дека целта на проектот е осигурениците да ја добиваат потребната здравствена услуга во градот или во најблиското место на живеење, хирурзите на клиниките да бидат растоварени од овие рутински операции и своето време да го посветат на посложени операции, а граѓаните немаат трошоци за пат и сместување во главниот град

 

 

Оцени ја веста

05.01.2015 - 15:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега