Божикно обраќање на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г.Стефан до верниците

Поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија г.г. Стефан се обрати до верниците по повод празникот Рождество Христово – Божик.

- Денес целокупното Божјо созданиечијашто круна е човекот, празнува и се радува. Со рождеството, Синот Божји, Кој во Својата личност ги соедини Божјата и човечката природа, ни овозможи на сите учество во таа нераскинлива заедница. А Неговото рождество, благодарение на Неговата жртва и на Неговата наука, е постојано раѓање. Затоа, секогаш и насекаде треба да имаме и да покажуваме благодарност кон Бога за Неговата неизмерна љубов. Ние немаме со што да Му возвратиме, освен со вера, дела и преку љубовта кон Него и кон сите луѓе, стои во обраќањето на г.г.Стефан.

Тој посочува дека Божик и сите празници ќе ги доживееме и прославиме само доколку сме блиску до Бога и доколку живееме со Неговата вистина, којашто повеќе од 2000 години се чува во Неговата света Црква.

- Како членови на Црквата, должни сме да ја сакаме и да се грижиме за неа. Тоа ќе го покажеме преку запазувањето и исповедањето на прадедовската вера, преку активниот живот во Црквата. Ние, чедата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, повикани сме да даваме придонес за нејзиниот углед, благосостојба и напредок. Таа ни припаѓа на сите. Христијанската вера е најдлабокиот корен врз кој со векови расте и живее православниот народ во Македонија, се вели во обраќањето.

Сите цивилизациски вредности, истакнува Архиепископот охридски и македонски, сме ги постигнале како нераскинлив дел од Црквата: и писменоста, и културата и уметноста...

Оттаму, наша света должност е да го продолжиме тој пат, но и на идните генерации да им укажеме и да им оставиме пример како се сака и Црквата и Татковината, и семејството и сите луѓе. Само така рождеството на Богочовекот Христос ќе биде постојано раѓање во нашите души и срца, ќе биде постојано радување поради доаѓањето на Бога на земјата, како Спасител на светот и човекот! Христос се роди! Честито и благословено Новото Лето Господово!, стои во обраќањето на г.г.Стефан до верниците по повод Божик

 

 

Оцени ја веста

06.01.2015 - 09:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега