Извештај на МЦМС: Посебна линија за Ромите за подобро искористување на ИПА фондовите

Многу е мала искористеноста на ИПА фондовите или помалку од еден процент за директен бенефит на ромската заедница. Средствата кои се исползувани во седумте години од ИПА фондовите (2007-2013) доаѓаат преку т.н. сервис договори каде што спроведувачите се странски консултантски организации, а не ромските локални организации. 

Тоа беше посочено на денешната презентација на Извештајот за искористеноста на ИПА фондовите со кои може да се влијае на вклученоста на Ромите во македонското општество што го изготви Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Според Александар Кржаловски директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, препораката за надминување на ваквата состојба е да се смени структурата за следното ИПА-програмирање и што повеќе од средствата да се насочат преку локалните ромски организации.

- Сметаме дека по 20 години транзиција има голем број способни ромски организации во Македонија. Потребно е да се воспостави во следното ИПА-програмирање посебна секторска линија само за Ромите за да ги надмине разликите меѓу ромската популација и останатите, вели Кржаловски.

Во однос на поддршката од средствата наменети за сите етнички заедници во Македонија, тешко може да се оцени колкава е таа поддршка преку проекти конкретно за Ромите, затоа што албанската етничка заедница е примарна и тие се корисници на тековните проекти од ИПА кои се одобрени. Меѓутоа, добро е, вели, што ромските организаци имаат можност да пристапат до такви средства. Од друга страна често се случува да нема ниту еден одобрен проект за ромската заедница бидејќи помали оценки добиваат самите организации или затоа што други проекти за здравство, борба против корупција и сл. добиваат поголеми поени.

За причините за неискористеноста на средствата Кржаловски вели дека не се должни на немањето капацитет бидејќи во Македонија имаме министер Ром, пратеници, а општината Шуто Оризари има своја администрација. Потребна е додава поголема координација и желба за соработка меѓу ромските организации, за заеднички проекти кои ќе бидат и подобро оценети.

Според Надир Реџепи проект менаџер во ОСФ/МтМ иницијативата, оваа година е важна затоа што се врши програмирање на следните ИПА фондови кои ќе ги добиваме како поддршка за евроинтеграцискиот процес 

- Фондовите се достапни, но се доста компетитивни, бараат знаење, правовремени информации и успешна и ефикасна реализација на терен, кои се надевам заедно со државните средства кои ни стојат на располагање за ромските политики ќе помогнат во вклучувањето на ромската заедница, рече Реџепи.

Со нивната иницијатива чиј партнер е МЦМС, во исминатите три години асистирале во просек на по 20 невеладини организации со финасиска и техничка поддршка за да аплицираат со квалитетни идеи и проектин за ИПА-фондовите.

Истражувањето е направено во изминатите три години на териториите на Македонија, Србија и Хрватска. Во Македонија Ромите се четвра по големина етничка заедница со застапеост од 2,7 проценти во вкупното население, но неофицијалните проценки се дека чинат 6,7 отсто од популацијата. Тие се најсиромашната група, имаат низок здравствен и социјален статус и над 70 отсто се невработени, стои во Извештајот. 

најчитано сега