Владата бара квалитетни кадри за следење и анализа на програмата

Следење на процесот на реализација на владината програма, анализа и поддршка на институциите за спроведување на проектите. Давање предлози и препораки за забрзување и надминување на препреките за имплементација на проектите. Ова  ќе  бидат клучните задачи и одговорности  на новите  вработени кои ќе бидат ангажирани во Кабинетот на премиерот Груевски, пренесува Канал 5.

Огласот е објавен, а интересот голем  информира владиниот портпарол.    

-Имаме пријавено околу 60 кандидати во овој краток временски период од два до три дена, но целта не е масовноста туку квалитетот на кандидатите и нивната  способност. Потребен ни е квалитетен кадар кој што  со своите вештини и знаења ќе придонесе кон уште подинамична реализација на програмата. И токму затоа ги охрабруваме сите кандидати кои што ценат дека поседуваат способности да аплицираат, затоа што нема да има никаков протекционизам, а единствен критериум врз основа на кој штоп ќе се селектираат кандидатите ќе бидат нивните знаења и квалитети  и вештини, изјави за Канал 5 Александар Ѓорѓиев портпарол на Владата.

Заинтересираните кандидати треба да имаат завршено високо образование од областа на економските, правните, техничките, природните науки, да имаат одлични компјутерски вештини и познавање на англискиот јазик, и да имаат минимум три години работно искуство од областа на управување со проекти.

Од Владата велат дека потребен е профил на кадар од типот на проект - менаџер, односно лица кои имале искуство со работа на проекти, кои имаат познавање на менаџментот и ја познаваат владината програма. 

Потенцијалните кандидати може да аплицираат заклучно со 21 јануари 2015, единствено со пополнување на електронската апликација, која може да се најде на веб страницата на Владата.

Сите пријавени кандидати, имаат еднакви шанси да бидат примени согласно нивните способности, образование, искуство и личен капацитет, без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност, имотна состојба и други лични околности.

Од Владата истакнуваат дека ваквиот оглас за пројавување на интерес не е законска обврска на Владата на Република Македонија, но со цел да се даде шанса на што поголем број способни луѓе, Владата се одлучила на ваков чекор. 

 

 

Оцени ја веста

13.01.2015 - 16:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега