Македонија идеална порта за индиските компании до европскиот пазар

Владата го продолжува процесот на лобирање и привлекување инвестиции преку активни разговори со неколку индиски компании со кои, владината делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, оствари средби за време на престојот во Индија, кој денеска продолжува во градот Џајпур, главен град на најголемата индиска држава Раџастан. 

-  Индија е една од најбрзо растечките економии во светот и целта на ова патување беше пред индиските компании да ги презентираме можностите за водење бизнис во Македонија, како и поволната бизнис клима во државата. На индиските компании им понудивме преку Македонија пристап до регионалниот и европскиот пазар. За нас ова е огромна можност со цел отворање што поголем број фабрики, да се вработат повеќе луѓе, но и да се зголеми бројот на инвестиции, изјави заменик-министерот за економија Христијан Делев кој е дел од владината делегација. 

Тој додаде дека се одржани состаноци со повеќе водечки компании  во Индија, меѓу кои со еден од најголемите производители на трактори во светот Тафе, со кој преговорите продолжуваат. Има најавено посета од нивна страна и формирање тим кој треба да ги испита сите можности во Република Македонија и можноста за производство на трактори во Македонија за европскиот пазар.

Како што посочи, од нивна страна е најавен цел тим за правење длабинска анализа и разговорите со нив продолжуваат.

Инаку, Тафе груп е третиот најголем производител на трактори во светот со годишен обрт од 2,5 милијарди долари.

На средбите со компаниите, како што истакна директорот на Агецијата за странски инвестиции и промоција на извозот Климент Шекероски,  се презентирани неколку фактори значајни за индиските компании од аспект на користење земја каде ќе се отворат нови производствени капацитети и тие производи да се пласираат на европскиот пазар, што е можност да се стигне до 650 милиони потрошувачи.

Посочи и на фактот што пред извесно време се потпиша договорот за одбегнување двојно оданочување помеѓу Република Македонија и Република Индија што, како што рече, овозможува двоен ефект како за индиските компании што е олеснителна можност да отворат свои производствени погони во Република Македонија, но и за македонските компании да остварат извоз во Индија, што е доста голем пазар и добра можност за остварување на бизнис.

- Македонија успеа да го привлече вниманието пред се со својата посветеност, активно лобирање и промоција на поволностите што ги нуди на инвеститорите. Главната цел е отворање нови работни места и остварување развој на економијата, посочи Климент Шекероски.

Инаку во организација на Владата на Раџастан, во градот Џајпур се одржува самитот „Партнерство 2015“, на кој ќе учествува македонската владина делегација, а свое воведно обраќање ќе има премиерот Никола Груевски.

Инаку, Раџастан има популација од 68.5 милиони жители и е по површина најголемата индиска држава. Бруто домашниот производ на оваа држава е со раст од 11,86 отсто споредено со минатата година. Главно е развиена цементната и минерална индустрија, текстилната индустрија, туризмот и земјоделското производство. 

 

 

Оцени ја веста

15.01.2015 - 12:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега