Членови на СОНК во Штип и Радовиш против највениот генерален штрајк

Наставници и професори од Радовиш денеска објавија дека сите основни и средни училишта и детски градинки во нивната општина на 20-ти јануари ќе работат.

Иванка Спасова наставник од Радовиш вели дека учениците и децата кои се згрижуваат во детските градинки нема да бидат жртви на политиките на остварување на личните цели и амбиции на актуелното раководство на СОНК.

- Радовишките училишта ќе работат на 20-ти јануари. Наставниците ќе бидат на своите работни места максимално посветени кон реализација на целите од наставните програми. Го поддржуваме ставот на нашите колеги кои вчера во Скопје истакнаа дека бараат одложување на одлуката за штрајк, се додека не се реализира изборот на новото раководство на СОНК, кое сигурно подобро ќе ја води нашата синдикална организација и ќе се погрижи за подобрување на нашата состојба, вели Спасова.

Таа потенцира дека наставниците треба да бидат нераскинлива алка за доброто и иднината на учениците.

Околу 20-тина професори и наставници од штипските основни и средни училишта на денешната прес-конференција најавија дека на 20. јануари нема да штрајкуваат како што најавува нивниот гранков синдикат.

Милкица Миленковиќ-Стојанова, претставник на групата професори и наставници кои не го поддржуваат, вели дека се приклучуваат на барањата на нивните колеги кои вчера побараа од СОНК да ја повлече одлуката за организирање генерален штрајк.

- Го делиме ставот дека идејата за бојкот на воспитно-образовниот процес на учениците во земјата, произлегува од личните интереси на потесното раководство на синдикатот предводено од актуелниот претседател Јаким Неделков, кој оваа година очекува да биде реизбран, односно да ја задржи позицијата од која во изминатите неколку месеци свесно манипулира со нас наставниците и си поигрува со учениците и нивните родителите, често најавувајќи штрајкови. Доколку не е така, Неделков може да докаже многу едноставно – да се откаже од намерата за бојкот и да почека до завршувањето на изборот на претседател на СОНК, а потоа новоформираните тела, па макар и тој бил повторно избран на чело, нека одлучат за сите понатамошни мерки и активности преку кои ќе делуваме во насока на заштита и унапредување на нашите права, вели Миленковиќ-Стојанова.

Професорите и наставниците од штипските училишта кои најавија дека нема да штрајкуваат велат дека и тие заслужуваат подобра социјално-економска положба, но за тоа треба да се изборат по пат на преговори со Министерството за образование.

 

 

Оцени ја веста

16.01.2015 - 14:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега