Македонците купуваат швајцарски франци по вртоглавиот раст на валутата

 

По информацијата дека вредноста на швајцарскиот франк во однос на еврото драстично скокна, деновиве можеше да се забележи значителна гужва во менувачниците. Граѓаните купуваат швајцарски франци за да ќарат на промената на вредноста. Швајцарија го напушти фиксниот курс кон еврото, по што вредноста на швајцарскиот франк драстично порасна за 30 тина проценти. Швајцарскиот франк сега е пoјак од еврото. Швајцарскиот франк досега беше дефицитарен во менувачниците, а сега во дел од нив воопшто го нема. Сопствениците на менувачниците велат дека граѓаните за денари купуваат франци, зашто заработката е добра, на 1,500 франци се добиваат околу 200 евра, пишува Лидер.

“Уште во четвртокот, веднаш по информацијата дека пораснала вредноста на швајцарскиот франк имавме голема навалица од граѓани кои ја купуваа оваа валута. Прометот со франкот ни се зголеми за 90 проценти во однос на претходно, информираат од скопските менувачници.

“За околу 90 проценти се зголеми прометот на оваа валута. Кај нас и вообичаено се менуваат швајцарски франци за евра многу повеќе од вообичаеното. Прометот беше најголем во четвртокот, а во петокот повеќе прашуваа, веројатно чекаат за да видат дали вредноста ќе паѓа или ќе продолжи да расте, велат од една тетовска менувачница.

Кои земји се во паника од зголемувањето на вредноста на франкот?

Во четвртокот Швајцарската народна банка по три години крена раце од фиксирањето на курсот на франкот за еврото на минимално ниво од 1,2 франци за едно евро. Само неколку часа по соопштението на Банката вредноста на валутата скокна за 16 проценти. Експертите велат дека овие промени нема да имаат негативни влијание за македонската економија и за македонските граѓани, бидејќи речиси и да нема кредити во швајцарски франци, а добитници може да бидат оние кои имаат заштеда или приливи во оваа валута. Ова силно ги погоди граѓаните од регионот, односно од Грција, Босна и Херцеговина, Србија и Грција кои користат станбени кредити во швајцарски франци, бидејќи со растот на вредноста на валутата им растат и ратите. Нашите граѓани немаат вакви проблеми, зашто практично и не користат “швајцарски” кредити, велат експерите.

И од Народна банка на Македонија информираат дека за разлика од земјите од регионот, во Република Македонија швајцарскиот франк, историски нема голема застапеност во банкарските активности. Во вкупната актива и пасива на банкарскиот систем неговата застапеност се движи околу 2 проценти во изминативе десетина години, а според состојбата од декември лани банките пласирале 167.613.000 денари кредити во швајцарски франци или во денари со девизна клаузула во оваа валута.

– Овие кредити претставуваат 0,14 проценти од вкупните кредити со валутна компонента, односно кредити во странска валута и кредити во денари со девизна клаузула, или околу 0,06 отсто од вкупните кредити. Само околу една четвртина од кредитите во швајцарски франци се одобрени на физички лица и се наменети за потрошувачки цели, односно се одобрени на пократок рок, велат од кабинетот на гувернерот на НБРМ.

Најголемиот шок, сепак го претрпеа Швајцарците. Прогнозите за раст на економијата на Швајцарија се драстично намалени, зашто се оценува дека поскапите производи и услуги ќе го намалат извозот и ќе ги избркаат туристите. Тешки времиња преживуваат и банките, чии пари од странство се обезвреднуваат. Во Швајцарија, сепак некој се радува. Тоа се околу 280.000 жителите на другите земји на ЕУ кои работат во Швајцарија. Медиумите јавуваат дека тие побрзале во менувачниците за да го сменат франкот за евро, со што приходите им се зголемиле за 30 проценти само за еден ден.

Глигоров: Франкот беше преценет, тешко е да се каже дека уште ќе зајакнува

Колку долго швајцарскиот франк ќе продолжи да зајакнува, краткорочно гледано, е тешко да се каже. Корекцијата е веќе голема и можеби е доволна, вели за „Блиц„ експертот на Виенскиот економски институт, Владимир Глигоров.

-Со својот најнов потег, Централната банка на Швајцарија значајно ја зголеми неизвесноста, па не е извесно колку тоа ќе влијае на кредибилноста на франкот. Може да помогне за зајакнување на доларот…На долг рок, сметам дека Централната банка повторно ќе го врзе франкот за еврото, бидејќи тоа се децении е нејзина политика, вели Владимир Глигоров од Виескиот економски институт.

Во која валута најмногу штедат македонските граѓани?

Во септември годинава штедните влогови достигнаа 197 милијарди денари, од кои повеќе од половина се во домашна валута, односно 51 отсто од вкупните заштеди на граѓаните се во домашна валута. Што се однесува, пак, до штедните влогови во швајцарски франци, најголемиот дел од нив се на граѓани. Депозитите на нефинансиски субјекти во швајцарски франци кај банките изнесуваат 1.170.579.000 денари, што претставува 1,2 отсто од вкупните депозити со валутна компонента, или околу 0,6 проценти од вкупните депозити од нефинансиски субјекти.

 

 

Оцени ја веста

20.01.2015 - 09:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега