Претседателот на албанскиот Парламент денеска во Македонија
Претседателот на албанскиот Парламент Илир Мета денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Република Македонија, на покана од претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски.
Како што соопшти собраниската прес-служба, претседателот на албанскиот Парламент ќе има средба со својот домаќин Вељаноски, а потоа и обраќање пред пратениците во македонското Собрание.
Албанскиот гостин во рамки на посетата се очекува да има средби и со претседателот на државата Ѓорге Иванов и со премиерот Никола Груевски.
Претседателот на Албанскиот парламент во рамки на посетата ќе се сретне со претставници на раководствата на ДУИ, ДПА и СДСМ.
Предвиено е тој да се сретне и со Орхан Ибраими, претседател на пратеничката група на Собранието на Македонија за соработка со Парламентот на Албанија и членовите.
На средбите во Скопје Мета ќе биде придружуван од петмина пратеници членови на Групата на Албанскиот парламент за пријателство со Собранието на Република Македонија.
Ова е возвратна посета на Мета на Македонија. Претседателот на Собранието на Република Македонија Вељаноски беше во посета на Тирана во декември 2013 година.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа