Светска Банка: Македонија со најбрз економски раст во регионот

Македонија годинава ќе има највисок економски раст од земјите во Југоисточна Европа. Прогнозите на Светска банка се дека растот на БДП ќе биде над 3,5 проценти што е највисок раст во регионот.

Растот во Македонија се должи пред се на јавните инвестиции и на извозот поврзан со странските директни инвестиции.

- Македонија во 2014 година имаше највисок раст од земјите во регионот. Ова делумно се должи на тоа што државата беше поштедена од поплавите што ги погодија некои од соседните земји, меѓутоа исто така Македонија има добар економски амбиент во односите со извозните партнери. Сметаме дека во 2015 година растот ќе остане на високо ниво и дури може да се забрза. И понатаму би требало да расте извозот поврзан со странските инвестиции, но гледаме и одредено заздравување во традиционалните извозни сектори. Јавните инвестиции и понатаму ќе останат двигател на растот, но има и одредено подобрување во делот на домашната побарувачка што сметаме дека е многу добар знак, истакна Доерте Доемлант, сениор економист на Светска банка за Македонија, пренесе МИА.

Со економски раст над три проценти ќе бидат и Албанија, Косово и Црна Гора, додека во Босна и Херцеговина се очекува растот да биде 1 процент, а Србија е единствена со негативен раст од 0,5 проценти. Причината за малиот економски раст во БиХ и Србија се должи на временските неприлики кои ги зафатија овие две држави.

На денешната презентација на редовниот полугодишен извештај, Доемлант нагласи дека невработеноста во Македонија останува на високо ниво, но оти споредено со регионот, Македонија подобро напредува од останатите пет држави.

- Невработеноста во Европа е на историски високи стапки, но кога ќе ја споредиме Македонија со земјите во регионот гледаме релативно силни перформанси во делот на економскиот раст и тоа се одразува и на намалување на невработеноста, рече Доемлант, пренесе МИА.

Намалувањето на цената на нафтените деривати, според прогнозите на Светска банка, нема да има поголемо влијание врз приходната страна на Буџетот во Македонија, а што се однесува до еврообврзницата тие сметаат дека таа е земена под поволни услови.

- Владата успеа тоа да го договори под многу поволни услови во време на доста турбулентни финансиски пазари. Сметаме дека тоа беше добра можност да се издаде еврообврзницата, смета Доемлант.

Јавниот долг, велат од Светска банка, се уште е под просечното ниво за шесте земји во регионот, но брзо се зголемува и она што треба да се направи во иднина е Владата да посвети внимание на вложувања што имаат потенцијал да остварат високи економски придобивки.

 

 

Оцени ја веста

20.01.2015 - 12:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега