„Бела книга“: Македонија атрактивна за инвестирање

Условите за деловно работење во Македонија се подобруваат, земјата и годинава повторно е меѓу најдобрите во регионот, атрактивна е за инвестиции и прави крупни промени во инфраструктурата, енергетиката, здравствениот систем. Ова е оценката содржана во првата „Бела книга“ што денеска ја промовираше Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, пренесува МИА.

Во „Белата книга“ се опфатени ставови, предлози и сугестии на вкупно 110 странски компании присутни во Македонија.

- Минатата и претходните години е сторено многу на економски план. Сепак, останува да се поработи на петте клучни предизвици – поголема предвидливост на генералните цели на државата на економски план во однос на деловното опкружување, поефикасна администрација, помал потенцијал за корупција, поедноставување на административните постапки и правните процедури, како и редефинирање на образовниот систем со цел обезбедување што повеќе соодветен стручен кадар, истакна претседателот на Советот Хуан Педро Наваро.

Тој ја охрабри Владата да продолжи со привлекување странски инвеститори зашто тоа е една, како што нагласи, од нејзините најуспешни политики.

Според претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, 2014 беше една од најплодните години на инвестициски план.

-Треба да се поддржат и поздрават напорите на Владата која вложи импресивна енергија за овој процес да успее, подвлече Азески.

Странските вложувачи, додаде, се застапени во сите региони што е особено битно за рамномерен економски развој, а нивната соработка со домашните фирми се зголемува. За бизнисот, потенцира Азески, не постојат мали и големи, странски и домашни компании. Тој мит полека се разобличува.

Претседателот на Комората ја нагласи потребата од обезбедување стручни квалификувани лица. Тоа, рече, ќе биде клучен предизвик во наредниот период.

Поздравувајќи го изготвувањето на „Белата книга“, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски нагласи дека со ова само се потврдува одличната соработка меѓу власта и бизнисот. – Книгата е основа за натамошен развој на економската политика, но воедно и ќе им олесни одлуката на странските компании да дојдат во Македонија согледувајќи ги искуствата на своите колеги, истакна Пешевски.

И покрај се она што е реализирано досега на деловен план, претстои, смета вицепремиерот, уште многу работа.

- Направивме многу за да го олесниме бизнисот. Благодарение на соработката со компаниите 2014 е една од најуспешните за странските инвеститори кои веќе влегоа во Македонија или најавија нивно доаѓање тука, потенцира министерот за економија Незири.

Според него, спроведените реформи дадоа конкретен резултат. Само во слободните индустриски зони резултираа моментно работат 3.500 лица, а допрва се очекува и отворање нови работни места.

„Белата книга“ ќе се издава секоја година, не само како видување за актуелните економски состојби во земјата, туку и како коректор или предлагач на она што евентуално може повеќе да се стори за подобрување на деловната клима.

На промоцијата присуствуваа и гувернерот на Народната банка Димитар Богов, како и директорот на Дирекцијата на технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ), Виктор Мизо.

 

 

Оцени ја веста

20.01.2015 - 14:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега