Средба Груевски-Курц: Унапредување на економската соработка меѓу Македонија и Австрија

Премиерот Никола Груевски оствари средба со австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц, на која беа истакнати  позитивните односи кои постојат помеѓу двете земји и кои се карактеризираат со пријателство и взаемно почитување, но и со потенцијал за интензивирање во сите области од заемен интерес.

Освен тоа двете страни разговараа за прашања од повеќе сфери како што се политичките односи меѓу Република Македонија и Република Австрија, развојот на економските односи и потенцијалите за соработка и унапредување на трговската размена, како и европските и евроатланските интеграции на Република Македонија. 

Премиерот Груевски, како што соопштуваат од владината пи-ар служба, истакна дека Република Австрија претставува и значаен трговски партнер на Република Македонија и во таа насока потребно е да се искористат можностите кои стојат на располагање на двете држави за дополнително унапредување. Тој изрази благодарност до Министерот за надворешни работи за активната поддршка која ја дава Австрија на полето на европските и евроатланските интеграции на Република Македонија при што подвлече дека членството во Европската Унија и НАТО претставува стратешка определба и еден од главните приоритети на работата на Владата.

Министерот за надворешни работи Курц ја реафирмираше поддршката која Австрија ја дава на членството на Република Македонија во Европската Унија и НАТО алијансата, како и интересот на Австрија за побрзо интегрирање на целиот регион.

Тој изрази уверување дека со заеднички напори во наредниот период, ќе се успее да се унапреди билатералната економска соработка која претставува приоритет на владите од двете држави.

 

 

Оцени ја веста

21.01.2015 - 16:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега