Oбвинетиот за убиството на Ангел од Ѓорче осуден условно за кражба

Деветнаесет годишниот Насер Е. од село Грчец обвинет за убиството што се случи во мај минатата година во скопската населба Ѓорче Петров, не се чувствува виновен за убиството на матурантот Ангел Петковски.

Претходно Насер се изјасни виновен за кражбата на неговиот велосипед и за ова дело судот го осуди условно една година затвор, доколку во рок од три години не изврши кривично дело. 

Обвинителството го товари Насер дека од дворот на куќата на семејството Петковски во Ѓорче Петров го украл велосипедот на Ангел, а потоа со нож го прободел матурантот. 

Според обвинителството, вистинското прашање во овој случај е сопственоста на имотните добра и реакцијата при одземање на овие добра, при што обвинителството ќе ја докажува вината на тинејџерот, а одбраната на обвинетиот ќе докажува дека убиството го извршил во нужна одбрана, со намалена пресметливост и во состојба на афект. 

Адвокатот на Насер Е., Ангел Ѓорѓиев, вели дека правото на нужна одбрана ја исклучува кривичната одговорност, а исто така побарале ново психијатриско вештачење од Клиниката за психијатрија во Скопје.

Пред судот сведочеа родителите на убиениот матурант, а мајката Благица Петковска низ солзи раскажуваше како и се јавиле и и кажале дека нејзиниот син е прободен. Таткото на Ангел, Сашо Петковски беше со него за време на кобниот момент кога деветнаесетгодишниот обвинет го прободе Ангел пред неговите очи. 

Се до денеска не е најден ножот со којшто беше извршено убиството на младиот Ангел. 

Исто како и обвинителството и таткото тврдеше дека тие немале никакво оружје кај нив и воопшто физички не го нападнале обвинетиот. Трагичниот настан се случи на 19 мај минатата година, во попладневните часови. 

Според таткото на Ангел, тој и неговиот син тоа попладне седеле од задната страна на нивниот двор, кога го виделе обвинетиот како го краде велосипедот.  Му викнале, но тој молскавично избегал со велосипедот. 

Го зеле автомобилот и тргнале да го бараат велосипедот кон железниот мост на реката Вардар. Според кажувањата на таткото, тргнале да го бараат крадецот бидејќи ова било четврти пат како им крадат велосипеди од нивната семејна куќа. 

- „Знаеме дека сите украдени велосипеди и мотоцикли ги носат преку мостот. Тоа го знае цела населба Ѓорче Петров“, рече таткото.  

Со возилото застанале пред Европската очна болница и се упатиле кон насипот на реката Вардар. Кога го здогледале обвинетиот, Ангел му рекол на таткото „Тато ова е тој што го украде велосипедот“. Кога таткото тргнал кон него, Насер извадил нож и го прободел Ангел. Ангел паднал на патеката на насипот, а Сашо барал предмет за да го оттргне напаѓачот од синот. 

Ангел му рекол на таткото „Тато овој ме прободе со нож“ и се обидувал да стане. 

Обвинетиот замавнал уште еднаш да го прободи, но таткото го удрил со дрвен стап што го нашол на местото по слепоочницата. Обвинетиот избегал со ножот во рацете, а таткото го однел Ангел пред очната болница каде се обидувал да го спаси, а по десет минути излегол и персоналот од болницата, но не успеале да го спасат момчето.

Се очекува и обвинетиот да ја каже својата верзија за тоа како се случило убиството. По убиството на матурантот во скопската населба имаше протести коишто ескалираа, па имаше и повредени и приведени.

Иако за судењето имаше голем интерес од јавноста, сепак судењето се одржа во мала судница во Основниот суд 1 и немаше доволно места ниту за членови на семејствата.

 

 

 

 

 

Оцени ја веста

21.01.2015 - 19:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега