Кривична за докторот од Гинекологија што бараше поткуп

Кривична пријава под сомневање на примање поткуп поднесе МВР до докторот и биологот од скопска Гинекологија.

Педесет и девет годишниот доктор П.Љ. и 54-годишниот биолог М.К. вчера директно побарале пари за себе од оштетениот Д.К. од Свети Николе, за извршување службено дејствие што морало да биде извршено, односно породување на сопругата на оштетениот со царски рез при што имале намера да се стекнат со противправна имотна корист во висина од 19.800 денари.

-Според документираните сознанија од истрагата завчера поради критична бременост сопругата на оштетениот била примена на преглед во ГАК- Скопје. Поради проблематичната бременост оштетениот побарал помош од свој познаник вработен во Медицинскиот факултет во Скопје со цел безбедно породување на сопругата. На тој начин оштетениот бил поврзан со второпријавениот со кого остварил контакт објаснувајќи ја задравствената состојба на сопругата. По ова М.К. ги однел сопругата на оштетениот и оштетениот на преглед кај првопријавениот П.Љ. и по извршениот преглед пациентката била хоспитализирана. Набргу потоа оштетениот бил телефонски побаран од М.К. при што му било кажано да дојде на клиниката за да се види со П.Љ. којшто требало да ја породи неговата сопруга, барајќи од него да даде одредени парични средства доколку сака неговата сопруга да ја породи првопријавениот со царски рез, соопштуваат од МВР.

Откако се сретнале докторот му кажал на сопругот на пациентката дека тој е оној што одлучува дали неговата сопруга ќе се породи со царски рез или не. Истиот ден по барање на М.К. повторно се сретнале оштетениот и првопријавениот П.Љ.  при што двајцата пријавени му побарале сума од 19.800 денари доколку сака неговата сопруга да биде породена со царски рез, а истовремено му бил покажан и ценовник за услуги за дополнителна дејност.

По ова оштетениот за новонастанатата состојба пријавил во Министерството за здравство, каде што по примањето на информациите во врска со овој случај од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат направен е инспекциски надзор во ПЗУ ЈУ за ГАК Скопје за што е сочинет и Записник од извршен инспекциски надзор, а истовремено случајот е пријавен и во полиција.

 

 

Оцени ја веста

23.01.2015 - 14:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега