Бензинот поевтини - цените на другите производи останаа исти

Во последната година во земјава цената на нафтените деривати во просек се намали за 27,5%. Но засега тоа не донесе поефтинување на било кој производ, директно или индиректно поврзан со нафтата. Цената на јавниот и такси превоз е иста, а исти се цените и на прехрамбените производи. Стопанствениците, сепак ја разгледуваат можноста за намалување на цената на одредени производи.

Досегашната пракса во земјава говори дека со секое подигнување на цените на нафтата, растеле цените на останатите производи. Но во последната година иако цената на нафтените деривати кај нас опадна, цените на ниту еден производ не се намалени. Од Регионалната стопанска комора веќе размислуваат за корекција на цените, која може да биде добредојдена за поголем развој и конкурентност на битолскиот регион. Ставот на поголемиот дел од стопанствениците околу евентуалната корекција на цените треба да се знае за најмалку една недела.

„Ние денес со Управниот одбор на комората имавме состанок по ова прашање. Кога на светските берзи се намали цената на нафтата за 50%, а кај нас за околу 27,5%, што е добар процент, па оттука треба од вкупниот дел цените на производите да се намалат за 2%, на услугите за 5%, а на транспортот барем за 10%“ рече претседателот на Регионална стопанска комора Мирко Велковски.

На светските берзи во наредниот период се очекува намалување на цената на нафтата за околу 10-15%, што ќе донесе и до нови намалувања на цените на нафтените деривати. Тоа се очекува во понеделник да го потврди и Регулаторната комисија со ново намалување на цената на нафтените деривати во земјава. Засега оваа состојба може да биде поволна и за земјоделието, но и инфраструктурата, затоа што ќе поефтинат асфалтот, изградбата на патишта итн. Сепак, првиот чекор се очекува да го направат шпедициите и превозниците, по примерот на соседните земји.

„Јас не сум доволно информиран како ќе настапат транспортните фирми кај нас, но мора да се следи трендот од соседните земји каде услугите од транспортот се намалени за 10%“ рече Велковски.

Според последните проценки на Светска банка, земјите во развој кои зависат од увозот на нафта, меѓу кои е и Македонија, ќе имаат корист од натамошниот пад цената на нафтата во поглед на повисок економски раст. На светско ниво, оваа состојба е поволна за земјите во развој како Кина и Индија, а најголеми загуби засега има Русија, Венецуела и Нигерија. Саудиска Арабија и натаму е земја која произведува најефтина нафта во светот.

 

 

Оцени ја веста

27.01.2015 - 11:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега