Тодоров-Андриукаитис: Македонија пред 16 земји-членки на ЕУ во здравствените реформи

Министерот за здравство на Република Македонија, Никола Тодоров, попладнево во Европската комисија оствари средба со комесарот за здравство, Витенис Андриукаитис, на која главна тема беа македонските реформи во здравството, што придонесоа за историски напредок на нашата земја на Индексот на европскиот здравствен потрошувачки индекс за 2014 година, каде од 28-то место во 2013 година, годинава е на високото 16-то место во Европа.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Македонија на оваа листа е пред 16. земји-членки на Унијата, што е потенцирано на состанокот Тодоров-Андриукаитис.

- Денеска имав задоволство да се сретнам со еврокомесарот за здравство Андриукаитис, со кого разговаравме за состојбите во здравството во Република Македонија, но и во здравството во Европската унија и во земјите-членки на ЕУ. Разговаравме кои се предизвиците со кои се соочуваме и кои се мерките што ги преземавме и ги преземаме, како и проектите што ги превзема Македонија на ова поле, истакна министерот Тодоров по средбата.

Првиот човек на македонското здравство го информирал еврокомесарот за активностите што ги прави македонската Влада во поглед на инвестициите во инфраструктурата, набавката на новата опрема, едукацијата на македонските лекари во најдобрите болници во Европската унија и во САД, системот за менаџмент и управување со здравствените установи, проектите и политиката во поглед на намалување на цените на лековите, заштедите и постојаното инвестирање во здравството, односно недозволувањето и во време на криза да се намали вкупниот буџет за здравство во Република Македонија.

- Разговаравме и за предизвиците што се во моментов во здравствените системи во Унијата, афектирани од последната економска и финансиска криза што ја зафати и ЕУ и како здравствените национални системи реагираат на тоа, оти е познато дека во Европа, т.е. во ЕУ нема заедничка здравствена политика, туку секоја земја-членка има сопствена здравствена политика. Тоа, и по излагањето нa еврокомесарот е предност на Унијата, бидејќи може сите да ги преземаат најдобрите пракси и да учат од некои грешки или лоши политики што се превземени во една или во друга земја, посочи Тодоров.

Од канцеларијата на еврокомесарот за здравство, испратија кусо соопштение во кое информираат дека Андриукаитис со заодовлство потенцирал на средбата дека пристапните преговори со Македонија во областа на здравството „напредуваат одлично”.

- Министерот го информираше комесарот за здравствените реформи што се во тек во неговата земја, вклучително инвестициите во опрема, инфраструктура, обука на здравствените професионалци, промоција и превенција, посебно во однос на алкохолот и за други бројни мерки. Потенциран е и здравствениот информациски систем и индикаторите за системот на здравствени перформанси. Комесарот ја изрази својата волја да го поддржи македонскиот министер за здравство во овие реформи, гласи соопштението од Еврокомисијата за оваа средба.

Македонскиот министер за здравство потврди дека комесарот Андриукаитис му честитал за напредокот од 11. позиции на листата на европскиот здравствен потрошувачки индекси и дека, како што еврокомесарот за здравство истакна на конференицјата утринава, Македонија има уникатен здравствен систем.

- Андриукаитис во своето обраќање го потенцираше тоа на утринската конференција, па и сега на средбата разговаравме за ова прашање и нормално и за тоа како сме стигнале до ова подобро рангирање, т.е. овие резултати што ги има постигнато Македонија. Тоа се оние реформи што континуирано ги преземаме, па тоа и му го пренесов. Нема здравствен систем ослободен од проблеми, но она што е најзначајно е проблемите да се знаат и да се решават. Свесен сум дека во Република Македонија ни од далеку не се решени сите проблеми во здравството, бидејќи има огромен број на проблеми што ги чека огромен број на решенија, заклучи Тодоров.

Со оваа средба на највисоко ниво во Европската комисија, министерот Никола Тодоров ја заврши еднодневната работна посета на Брисел. 

 

 

Оцени ја веста

27.01.2015 - 16:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега