Невеста од Албанија ги роди нашите прекрасни дечиња Ирена, Христина и Бранко

Во последните пет години во Порече се доведени дури 80 невести од Албанија, кои во истиот период на свет донесоа дури 192 принови, што во значителна мера придонесе за подобрување на наталитетот во регионот.

Благодарение на браковите со невести од соседна Албанија, се врати детскиот џагор во Порече. Во последните пет години, или од 2010 година наваму, во Порече се доведени дури 80 невести од Албанија, кои во истиот период на свет донесоа дури 192 принови, што во значителна мера придонесе за подобрување на наталитетот во регионот.

– За што повеќе ергени од нашата општина да стапат во брак и наедно да се намали бројот на неженети, во последните пет години од Албанија доведовме 80 невести. Оваа релација ергени од Порече со невести од Албанија одлично функционира и се надеваме дека ќе продолжи и наредните години – вели Милосим Војнески, градоначалник на општината Македонски Брод.
За да се стимулираат овие бракови и општината дава голем придонес, бидејќи ги покрива трошоците за женачката и неопходните административни трошоци, а често посредува и во пронаоѓањето невести за идните младоженци.

Огромен придонес во доведувањето невести од Албанија дава и отец Владимир од Корча, кој факултетот по богословија го завршил во Скопје и кој со свое посредство ожени многу ергени во Порече.
– Нашата општина ништо не препушта на случајноста и активно учествува во пронаоѓањето невести од Албанија за ергените од нашиот крај, а истовремено ги покрива и трошоците за свадбените веселби и административни формалности.

Посредувањето, пак, на отец Владимир од Корча придонесе оваа релација да се одвива без застој. Исто така, неговиот избор на невести од Албанија секогаш е по мера на младоженците од нашиот крај, за што многу сме му благодарни – додаде бродскиот градоначалник.

Новородените деца, како и оние од претходно, придонесоа по подолг период да се почувствува потреба за обновување на некои училишта во овој крај. Младоженците од Порече се презадоволни од браковите со невестите од Албанија и им препорачуваат на своите сѐ уште неженети пријатели и тие да тргнат по нивниот пат.

Еден од жителите на овој крај, Боге Мицкоски, пред осум години во своето село ја доведе Мимоза, со која има три дечиња-  Ирена, Кристина и Бранко.
– Откако девојките се отселија од нашиот крај без желба да останат тука, единствена можност да се ожениме беше да доведеме жени од Албанија. И така јас тргнав по тој пат и пред осум години се оженив со Мимоза од Лежа, со која имаме три прекрасни дечиња, две ќерки Ирена и Кристина и синот Бранко. Невестите од Албанија се многу работливи, скромни и лесно приспособливи на нашите услови и затоа мислам дека се најдоброто решение за нас ергените од овој крај – вели Боге, кој петчленото семејство го прехранува со земјоделство и собирање шумски плодови.

И како што рече самиот, негов стројник за женачка од Албанија бил Трајче од селото Звечан, кој, покрај нему, им помогнал и на други поречки ергени.
– Во нашето село останаа уште тројца постари ергени, правиме напори и за нив да најдеме невести од Албанија – вели Зоре Силјаноски од Долно Порече.

Дека бројот на деца во Порече е во пораст зборува и фактот што во училиштето во Македонски Брод по низа години бројот на ученици во прво одделение годинава е најголем.
– На наше големо задоволство, во нашето училиште годинава имаме најголем број првачиња, 68, што е далеку над бројката од педесетина, колку што во просек се запишуваа претходните години – вели Тони Ставрески, директор на ЦОУ „Св. Климент Охридски“.

Автор: Зоран Антоски за Нова Македонија

 

 

Оцени ја веста

28.01.2015 - 16:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега