Раст од 100 проценти во туризмот во последните осум години

Во изминатите осум години бележиме раст  од 100 проценти во туризмот, туристичкиот промет и посетеноста, вели директорот на Агенцијата за поддршка на туризмот Кристијан Џамбазовски во интервју за МИА.

- Развојот е континуиран и е два до два и пол пати поголем од оној што е просек во светот (4,4 до 5 проценти) а ние веќе осум години бележиме развој од 10 проценти, констатиран од Светската туристичка организација во рамките на ОН.  Ефектите од туризмот и бројките кои успеавме да ги оствариме изминатата 2014 година потврдуваат дека туризмот се движи по нагорна линија, истакнува Џамбазовски.

Минатата 2014 година Џамбазовски ја оценува како успешна туристичка година.

- Дека имавме успешна туристичка година, говорат и статистичките податоци. Во периодот јануари-ноември 2014 година, во однос на истиот период 2013 година, бројот на странски туристи има зголемување за 7, а кај домашните за 4 отсто. За истиот период веќе имаме регистрирано над 405.000 странски туристи што е повеќе од цела 2013 година.  Истиот тренд го имаме и во зимските и планинските центри каде бележиме зголемување на посетите на странски туристи. Сепак за да изнесеме правилни оценки ќе треба да ги сочекаме статистичките податоци по крајот на зимската сезона, нагласува директорот на Агенцијата за поддршка на туризмот.

Владата, вели Џамбазаовски, во континуитет работи на подобрување на условите во туризмот. Преземени се бројни мерки за подобрување на условите за развивање на туризмот и подобрување на  условите за работа на туроператорите. Како поволности кои Владата ги направила за развој на туризмот ги посочува намалувањето на ДДВ  во областа на туризмот од 18 на 5 проценти, субвенционирањето на авионскиот превоз и зголемувањето на бројот на авионски линии од земјава кон Европа и светот и субвенционирање на туроператорите за носење странски туристи во земјава.

- Моментно имаме 26 директни полетувања од македонските аеродроми, а штотуку се најавија уште шест директни линиии. Ние како Агенција имаме дополнителни мерки како општа промоција на туристичките потенцијали, вклучувајќи го и планинскиот зимско- спортски туризам и поддршка на туризмот преку мерки насочени  за подобрување на имиџот и зголемување на популарноста, односно подобро позиционирање на Македонија како туристичка дестинација на меѓународно ниво, истакнува Џамбазовски во интервју за МИА.

 

 

Оцени ја веста

30.01.2015 - 09:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега