Грција може да престане да сонува и да се соочи со реалноста

Новата грчка влада откако дојде на власт сигнализира многу контрадикторности. Зборува за компромис со грчките доверители, но не сака да се откаже од барањето за нови преговори за начинот на враќање на долговите.

Две недели по победата на Сириза, народот во Грција на работите веќе гледа потрезвено. Еуфоријата стивна,  луѓето се радуваа на политичкиот пресврт, барем поради надежта дека работите можат да бидат поинакви. Политичарите и онака многу ветуваат, но во најдобар случај спроведуваат мал дел од тоа.

Дури и мала промена, би била подобра од никаква, сметаат Грците. Поранешните влади оставаа слика дека никогаш и ништо нема да се промени. Поради тоа многумина сакаа политичка алтернатива – и ја добија!

Што сега!

Намален кредитниот рејтинг на Грција

Агенцијата „Стандард и Пурс“, го намали кредитниот рејтинг на Грција на степен над ниво, кое укажува на ризик од банкрот. Воедно, агенцијата ја предупредува официјална Атина дека нема многу време за постигнување договор со кредиторите.

„Сметаме дека пролонгирањето на преговорите со кредиторите, можат да доведат до нов одлив на депозитите и според најлошото сценарио, губење на пристапот до финансии, што може да доведе до исклучување на Грција од еврозоната“, наведуваат од „Стандард и Пурс“.

Грција сака да и се овозможи емисија на поголем обем на краткорочни обврзници, со цел да ги покрие потребите за финансисрање. Моменталниот лимит на овој вид на хартии од вредност, според ЕВБ, изнесува 15 милијарди евра годишно.

Откако ЕЦБ го ограничи задолжувањето на Грција на пазарите на капитал, единствено што останува во оваа земја е програмата наречена „вонреден пристап до финансиите“ или emergency liquidity access.Тоа секако ќе се затвори доколку Грција ја напушти програмата за штедење, за што дадоа јасен сигнал дека ќе се случи и тоа до крајот на месецов. На грчката централна банка и се одобрени 59,65 милијарди евра, за да ги сервисира домашните кредитори. Но, трошењето на тие средства е под строга контрола на ЕЦБ, која секои две недели детално анализира кому позајмува пари и во кои цели.

Оваа програма е краткотрајна, но, не се гледа долгорочно решение на спорот на Ципрасовата влада и меѓународните кредитори.

Поддршка – само од сопствениот народ!

Совети и мислења стигнуваат од сите страни, меѓу останатите и од Португалија, земја која се уште минува низ ригорозните мерки за штедење.

„Нема дилема. Ако се земе во предвид дека за економско заздравување и враќање на репутацијата клучно е, како што тоа беше случај со Португалија, да се почитуваат финансиските компромиси. Бидејќи сме самокритични и не одевме по линија на помал отпор на патот на враќање на кредибилитетот и економскиот раст, природно е што истото го бараме и од Грција“, истакнува португалскиот министер за економија Антониот Пирес.

Иако им е скратена поддршката од Европа, Грција ја има поддршката од сопствениот народ. Тие веруваат дека владата “ги држи конците в рака“, но дека времињата кои доаѓаат за нив, ќе бидат многу тешки.

„Ништо не е бесплатно, никој ништо нема да ни подари, парите ќе мораат да се вратат“, сигурни се Грците.

Владата е одлучна во ставот против мерките за штедење

Еден месец пред  Сириза да дојде на власт, речиси 12 милијарди евра се повлечени од грчките банки. Од тогаш нивните акции изгубија меѓу 25 и 30 отсто на вредноста.

Премиерот Алексис Ципрас сврсто стои на ставот дека неговата влада нема да ја продолжи програмата на мерките за штедење, која истекува кон крајот на месецот. Напротив, поништи некои од непопуларните мерки кои ги наметнаа меѓународните кредитори, ги прекина повеќе приватизациски процеси, ја покачи минималната плата, врати на работа дел од отпуштените работници од јавниот сектор…

Доколку Ципрас и понатаму ја одбива соработката со меѓународните кредитори, дури и со постоечките финансиски програми, Грција ќе остане без пари до средината на март.

Грција мора да ја напушти еврозоната

Поранешниот шеф на американската Централна банка, Ален Гринспен прогнозира дека Грција ќе мора да ја напушти еврозоната. Според него, веќе никој нема да сака да и помага на грчката економија со нови заеми и предоговарањето на исплатата на долгот на Атина на крајот ќе резултира со заклучок дека најдобро за сите страни е да им се разделат патиштата.

Претходно, британскиот министер за финансии Џорџ Озборн рече дека можното грчко излегување ќе предизвика длабоки потреси за Британија.

 

 

Оцени ја веста

09.02.2015 - 09:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега