Прилепско: Состојбата е стабилна, помош за 20 семејства

Денешната состојба во прилепско е мирна, студеното време и снегот ги запреа поплавите.

 

Сообраќајот на сите патни правци се одвива непречено, информираа денеска од Регионалниот центар за управување со кризи во Прилеп, пишува МИА.

 

-Нема застој во сообраќајот, се одвива во зимски услови, Плетвар е опесочен, вели Илко Петкоски, раководител на Центарот,

Денеска преку Црвениот крст од Прилеп се доставува помош за 20 најзагрозени семејства  во неколку села во општина Долнени.

-Во тек е дистрибуцијата на помошта во најзагрозените 20 семејства. Секое семејство ќе добие  по пакет хигиенски средства, пакет храна, по три ќебиња, средства за дезинфекција и вода за пиење, вели Катерина Кочоска од Црвениот крст од Прилеп.

Од Центарот за јавно здравје велат дека останува неисправна водата во петте најзагрозени села: Тројкрсти, Чепигово, Ерековци, Канатларци и Кадино Село.

-Во овие села категорична е забраната за пиење на водата, ниту е за домашна употреба, ниту за стоката. Според распоред дневно им се доставува вода за пиење во шишиња и технолошка вода од цистерни. Денеска во училиштата во тие населени места ќе почне едукација на децата за  како да се заштитат од зарази и да се придржуваат на упатствата од Центарот за јавно здравје, вели Гоце Ингилизов, директор на Центарот.

Ингилизов објаснува дека јавното претпријатие „Водовод и канализација“ денеска со нова опрема ќе врши засилено хлорирање на водата од бунарите во селата Канатларци и Галичани, но дополнително ќе се утврдува дали ќе биде исправна, а забраните за пиење се уште важат.

 

-Земени се нови 17 примероци вода, од кои два од градскиот водовод од Прилеп и 15 од населени места и сите се исправни. Сега е исправна и водата за пиење во Мало и Големо Коњари, објаснува Ингилизов.

 

 

Оцени ја веста

09.02.2015 - 13:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа