Се санираат штетите од поплавите во Куманово

Општина Куманово ќе достави барање до Дирекцијата заштита и спасување за ангажирање четири машини кои на терен ќе ги санираат критичните точки и ќе ги информира граѓаните да достават помош за настраданите на одредени пунктови во градот, која потоа ќе биде доставена до населението. Информациите општината ќе ги добива од месните заедници на поплавените подрачја.   
Тоа се дел од заклучоците кои денеска беа донесени на седница на општинскиот кризен штаб.  
Од подрачното одделение  на Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека започна санацијата на штетите од поплавите. 
Според раководителот на подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување Драган Димковиќ, останува да се интервенира на една точка на улицата „Никола Тесла“ каде што поради непристапниот терен не можело да се преземат активности. 
- Сепак по одредено време ќе се ангажира механизација и ќе  исчисти и тој мал дел од оваа улица, изјави Димковиќ. 
Кумановскиот Црвен крст досега донирал хуманитарна помош во храна, облека, хигиенски  средства и вода на околу 35 семејства, а на 240 семејства дистрибуирана е флаширана вода. Хуманитарна помош која се состои од облека, хигиенски производи, обувки, објасни секретарот на општинската организација Иле Митковски, доставена е до 8 семејства во липковско Опае, како и на едно семејство во Челопек.
Од Центарот за јавно здравје информираат дека се добиени резултати од испитувањата на водата во Клечовце.
Доктор Мимоза Величковски, специјалист по хигиена, посочи дека граѓаните од подрачјата зафатени со поплавата мора да ја превриваат водата пред да ја конзумираат. 
- Десетминутно превривање на водата се препорачува и пред да се готви и пред да се мијат садови.Ние ќе доставиме таблетки,со што дополнително ќе се заштити водата, вели Величковски.
 

 

Оцени ја веста

09.02.2015 - 16:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега