Бакрачески во обиколка на поплавените објекти, донираше и за граѓаните од поплавените региони

По неодамнешните поплави, градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески со своите соработници, денеска посети неколку поплавени објекти на улиците „Стив Наумов“, „Аџи Мустафа“ во населбата Лескајца и „Сатеска“ во населбата Далјан. Оваа обиколка е реализирање на ветувањето на Бакрачески, дека Локалната самоуправа и јавните претпријатија, ќе бидат во постојана комуникација со граѓаните кои претрпеа штети од поплавите.

-Екипите на нашите јавни претпријатија, за време на интензивните врнежи од дожд и снег веднаш интервенира на терен и како што најавивме, од тогаш до денес сме во постојана комуникација со жителите од критичните места. Ние денеска правиме обиколка, потоа ќе следи проценка на направените штети и помош од страна на општина Охрид со финансиски средства или материјали за санирање на последиците од поплавите. Ние и во иднина ќе бидеме со нашите граѓани кои ќе се најдат во ваква ситуација. Од самиот почеток, Локалната самоуправа, заедно со јавните претпријатија, будно ги следи состојбите и целосно сме подготвени да се справиме со евентуални нови поплави, рече Бакрачески.

При обиколката, граѓаните што се соочија со поплавите изразија благодарност до градоначалникот Бакрачески и екипите на јавните претпријатија кои брзо интервенираа.

-Имаше околу триесетина сантиметри вода, но благодарение на пумпата  што ја добивме  од кризниот штаб на барање на градоначалникот Никола Бакрачески, веднаш почнавме со испумпување на најдојдената вода и не дозволивме да дојде до поголеми оштетувања. Кога беше најинтензивно надоаѓањето на водата не посети градоначалникот Бакрачески со кого поразговаравме за тоа што ќе правиме доколку продолжи дождливото време, но за среќа дождовите престанаа, водата е испумпана и сега се сушат поплавените површини во дворот и подрумските простории, вели Спасе Малески, чија куќа беше поплавена при неодамнешните обилни врнежи од снег и дожд.

Одговарајќи на новинарско прашање, градоначалникот Бакрачески додаде дека, граѓаните на општина Охрид, доколку имаат, треба да ги пријават штетите од поплавите, а потоа стручни комисии ќе направат проценка за обештетување со финансиски средства  или со неопходни градежни материјали за санирање на штетите.

Бакрачески, денес ги посети и пунктовите кои се поставени за собирање на помош за граѓаните од поплавените региони во Македонија.

- Денес, како и секогаш кога е најпотребно, општина Охрид зема активно учество во акциите за помош на настраданите во Република Македонија, како што тоа го правевме за настраданите од поплавите во Република Србија и Босна и Херцеговина. Денес дадовме свој личен придонес во донирање на вода и средства за лична хигиена но и извршивме координација со претседателот на Црвен крст- Охрид, Сашо Точко за што помасовно вклучување на охриѓани во акциите за помош, рече градоначалникот Бакрачески.

Општина Охрид ќе оддели финансиска помош за настраданите од поплавите во Република Македонија по што според акциониот план на Црвени крст на Македонија и Црвениот крст од Охрид средствата ќе бидат распределени онаму каде што е најнеопходно за настраданите. 

Планирано е општина Охрид да им додели парични средства на граѓаните чии куќи настрадаа во поплавите, за да можат да ги санираат штетите кој што им настанаа од поплавите, со што нивните домови ќе ги оспособат за нормално живеење.

Собраните продукти и водата за пиење  во координација со Црвениот крст на Македонија ќе бидат дистрибуирани во погодените региони. Претседателот на Црвен крст- Охрид, Сашо Точко испрати апел до сите граѓани на Охрид да ги слушаат апелите бидејќи во различни моменти настраданите имаат различни потреби. Тој потенцира да не се носи облека, бидејќи на населението од погодените региони во моментов најпотребно им е вода за пиење и средства за лична хигиена. Оние што имаат можност може да донираат на отворените телефони за донација 070/075/077 143-400.

 

 

Оцени ја веста

09.02.2015 - 17:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега