НБРМ: Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо

Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци, оцени на седница Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.

Таквите движења, според Комитетот, упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно беше оценето дека домашната економија е доволно поддржана преку преземените мерки на монетарната политика. 

Oценката на економските и финансиските услови покажала дека постојната монетарна поставеност е соодветна и е одлучено на аукција да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка од 3,25 проценти. 

Според НБРМ, континуитетот на растот на економијата во последното тримесечје се согледува преку најголемиот дел од секторските показатели, со исклучок на градежните работи, коишто при висока споредбена основа и понатаму бележат годишен пад. 

- Последните податоци за девизните резерви покажуваат раст од почетокот на годината, при поволни движења на девизниот пазар, каде што во континуитет на декемвриските остварувања и во јануари НБРМ реализира нето-откуп на девизни средства. Промените кај девизните резерви од почетокот на годината се во рамки на октомвриската проекција, а показателите за адекватноста на резервите и натаму укажуваат на доволно ниво на девизни резерви за справување со евентуални непредвидени шокови. Сепак, ризиците околу идното движење на девизните резерви и натаму остануваат и тие главно се поврзани со неповолното надворешно окружување, соопштува НБРМ.

Во однос на кредитниот пазар, според НБРМ, првичните декадни податоци за кредитниот пазар во јануари покажуваат мало намалување на кредитите на месечна основа, што доаѓа по силниот кредитен раст остварен во последниот квартал на 2014 година, особено во декември. Месечното намалување на кредитите резултира од намаленото кредитирање на корпоративниот сектор, што не е невообичаено за првиот месец од годината и навестува можна привременост на ваквите поместувања.

- Кредитите на домаќинствата продолжија да растат на месечна основа со слична динамика како во претходниот месец. Со оглед на силниот кредитен раст во последното тримесечје на 2014  година, годишната стапка на раст на вкупните кредити во јануари е околу 9 проценти и е над проекцијата за првиот квартал на 2015 година. Во однос на депозитниот потенцијал, вкупните депозити продолжија да растат со солидно темпо и во текот на јануари, при што и нивната годинашна динамика на раст во јануари е над очекуваната за првото тримесечје во рамки на октомвриската проекција, се вели во соопштението.

Во јануари, ликвидноста на банките под влијание на автономните фактори се зголемила така што банките имале зголемен интерес за пласирање на вишокот ликвидни средства во депозити кај НБРМ. Во такви услови, тргувањето на пазарите на пари беше релативно ниско. На девизниот пазар, беа регистрирани стабилни движења, а НБРМ интервенира со откуп на девизи од банките поддржувачи. 

Почетокот на 2015 година на меѓународен план беше одбележан со зголемување на пазарната неизвесност како резултат на заострување на односите помеѓу Грција и евро-зоната во пресрет на вонредните парламентарни избори. Во втората половина од месецот главни двигатели на пазарните движења беа мерките на централните банки, при што силно влијание врз пазарите имаше одлуката на централната банка на Швајцарија да отстапи од таргетот на швајцарскиот франк во однос на еврото. Исто така, во функција на заживување на економијата на евро-зоната, ЕЦБ најави дека ќе отпочне со дополнителен откуп на хартии од вредност во март.

Општо земено, најновите оцени на НБРМ не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Се очекува показателите за адекватност на девизните резерви и натаму да останат во сигурна зона. Економскиот раст е солиден и нема ценовни притисоци. Движењата на кредитниот пазар, и покрај променливоста во одделни месеци, веќе подолг период главно се поволни, навестувајќи релативно ефикасна трансмисија на досегашните монетарни мерки врз кредитната активност и постабилни очекувања на домашните банки, соопштува НБРМ.

 

 

Оцени ја веста

11.02.2015 - 14:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега