Водата се повлекува - еве каква е состојбата во прилепско

Значително е намалено нивото на водотеците во Прилепско, посебно на Црна и на Градска Река. Од вештачкото езеро се испуштаат 1.500 литри што е за илјада помалку од вчера. Ситуацијата во овој поглед е стабилна, констатира денеска кризниот штаб во Прилеп.
 
Водата е повлечена и од речиси сите населени места кои беа поплавени. Во моментов немаме покритични реони во Прилепско, рече градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.
 
Се подобрува и ситуацијата со водата за пиење во критичните населени места, но останува потребата таа да се преврива. Според Ристески, локалната самоуправа и прилепски „Водовод“ ќе продолжат да ги снабдуваат жителите со вода за пиење во шишиња.
 
Повлекувањето на водата ќе услови јавните претпријатија да ги санираат испустите на коритата на Црна и на Градска Река.
 
- Мора да се почека да се повлече водата зашто засега механизацијата не може да влезе и да работи на местата каде се испустите на коритата на Црна и на Градска Река, вели Ристески.
 
До општинската комисија за елементарни непогоди стигнале 90 барања за процена на штети.
 
- Досега се направени записници во 50 случаи на станбени објекти, а кога ќе се создадат услови и се повлече водата ќе се проценуваат штетите на земјоделското земјиште, вели Александар Неделкоски претседател на општинската комисија.
 
Од Црвениот крст во Прилеп информираат дека продолжува дистрибуцијата на пакети со храна, вода, хигиенски и на дезинфекциски средства за вкупно 51 загрозено семејство во Прилеп, населените места Кривогаштани и Долнени.
 
Досега е дистрибуирана помош за 20 семејаства во општина Долнени и уште осум во градот и околните населени места. Акцијата продолжува и во наредните денови, вели Катерина Кочоска од Црвениот крст.
 

 

Оцени ја веста

11.02.2015 - 14:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега