Котески реферираше пред Иванов за борбената готовност на армијата

Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески денеска во Домот на АРМ пред претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов реферирше за борбената готовност на армијата во 2014 година.

На реферирањето присуствуваа министерот за одбрана Зоран Јолевски, претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Македонија Емил Димитриев, раководители во МО и ГШ на АРМ и командантите на потчинетите команди и единици во АРМ.

Генералштабот на АРМ соопшти дека Иванов бил информиран за реализацијата на плановите и задачите во 2014 година, согласно функционалните области на армијата.

- Врз основа на извршената сеопфатна годишна анализа на Генералштабот, беше донесен заклучок дека АРМ во изминатата година и покрај објективните потешкотии и ограничувања, беше институција за пример во извршување на задачите, како во земјата така и во меѓународни рамки. Армијата успешно ги извршуваше мисијата и поставените задачи, при што борбената готовност беше на потребното рамниште, се вели во соопштението.

Котески истакнал дека успешното се извршени клучните задачи и проекти кои ја одбележале мината година, како што се: успешно извршување на меѓународните мисии надвор од Македонија, притоа давајќи акцент на завршетокот на мисијата ИСАФ и почетокот на мисијата „Одлучна поддршка“ во ИР Авганистан, трансформацијата на АРМ согласно динамичкиот план, асистенција на институциите при елементарни непогоди и спасување, донесување на голем број на правила и упатства со доктринарен карактер и за регулирање на непречено извршување на сложени задачи и зајакната регионална и меѓународна армиска соработка. 

Тој дал осврт и за процесот на модернизација на АРМ, согласно Долгорочниот план за модернизација во одбраната, кој е усвоен од Владата, како и на имплементација на концептот за резервни сили како клучен фактор во трансформацијата на армијата, кој треба да заврши оваа година, а започна во 2012 година.

Иванов, како што е наведено, им честитал на припадниците на АРМ за несебичната ангажираност при издигнувањето во една од институциите со најголема доверба во државата. Нагласил дека АРМ може да послужи за пример, а својата подготвеност, ја докажала преку задоволување на стандардите на НАТО, успешноста во извршување на меѓународните мисии, како и во справување со елементарни непогоди.

Министерот за одбрана Јолевски истакнал дека во 2015 година, АРМ ќе добие максимална поддршка за подигнување на борбената готовност. Министерството, подвлекол тој, ќе продолжи со поддршка на армијата во успешното извршување на нејзината функција.

Како главни приоритети, но и мерки кои во 2015 година ќе придонесат за понатамошно јакнење и подигнување на степенот на борбената готовност и моралот на припадниците на АРМ, според соопштението, биле издвоени редовно пополнувања на АРМ со персонал, прилагодување на обуката според актуелните безбедносни предизвици и барањата на НАТО, продолжување со ангажирање во мировните мисии, реализација на проектот „АРМ мој вистински дом“ и натамошно подигање на степенот на обученоста.

 

 

Оцени ја веста

11.02.2015 - 15:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега