Граѓаните на нозе: Поддршка на Движењето за одбрана на Македонија и во Свети Николе

Уметници, спротисти, наставници, пензионери, студенти и граѓани на Општина Свети Николе денеска дадоа јавна поддршка на Платформата на Граѓанското движење за одбрана на Македонија.

Наставникот Тодор Димков во Средното општинско училиште „Кочо Рацин“ вели дека граѓаните на Свети Николе се сплотени кога станува збор за сопствената држава, затоа ги повикуваат и останатите, како што вели, на будност и одбрана на татковината.

- Поединци, групи и партии понесени од својата алчност за власт не бираат средства и ги поткопуваат темелите на правната држава. Суверинитетот на Република Македонија произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Власта во сите демократски држави се добива и се губи на избори. Само граѓаните на Македонија одлучуваат за Македонија. Не смее да се дозволи ниту еден граѓанин, ниту еден наш човек да биде инструмент на кој било странски процес. Силно и недвосмислено го осудуваме секој обид за дестабилизација на нашата татковина, вели Димков.

Тој додава дека меѓу граѓаните на земјава може да има натпревар, судир на концепти, интелектуална мисла, но во внатрешните македонски работи не смее да се мешаат и да се користи логистика на странски служби. Забележува дека интересите на странските служби се спротивни на интересите на Македонците.  

Поддршка на Граѓанското движење за одбрана на Македонија деновиве дадоа и голем број граѓани на Кавадарци, Битола, Велес, Охрид, Прилеп и Штип со оценка дека активностите на лидерот на опозицијата имаат за цел дестабилизација на државата, а заради нелегално доаѓање на власт. Платформата на движењето  се формираше минатата недела во Скопје од група интелектуалци, актери професори и други јавни личности за одбрана и будност на граѓаните против, како што наведуваат, „поединците, групите и партиите кои се понесени од својата алчност за власт и не бираат средства, ги поткопуваат темелите и одземаат слободата на државата“.

Движењето е предводено од професорката Виолета Ачковска, драматургот и писател Бранислав Димитров Бато, Сашо Гигов Гиш, актерите Зоран Љутков, Тони Михајловски, Ванчо Петрушевски, со поддршка на синдикалецот Дојчин Цветановски, фудбалската легенда Илија Најдовски, деканот на ФИНКИ Димитар Трајанов. За краток период ова движење доби широка поддршка и кон него се приклучија здружението на пензионерите, моторџиите преку здружението Ноќни волци, како и најголемото здружение на бранители Бедем.

 

 

Оцени ја веста

11.02.2015 - 16:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега