По масовната поддршка од цела Македонија - ГДОМ започнува со трибини низ повеќе градови

Огромна е поддршката за Граѓанското движење за одбрана на Македонија и истата пристигнува секојдневно, од повеќе градови ширум земјава.

Бројни интелектуалци и лица од јавниот живот и граѓани, застанаа зад иницијативата кој испраќа порака дека националните интереси треба секому да му бидат најважни од се.

Токму затоа, предводниците на движењето донесоа одлука да започнат со организација на трибини во повеќе градови низ Македонија.

Стартуваат од утре (четврток) во Велес.

Идејата е тие да излезат на терен и заедно со сите оние кои се согласуваат со нивните идеали да разговараат за состојбата и да делуваат заедно.

- Сè се случува со голема брзина и заинтересираноста е огромна и од познати наши луѓе и од многу непознати. Едноставно се почувствува еден бран емоционален, апетит и желба да се учествува во ова наша иницијатива. За нас во форумот политиката е уметност на можноста, не е терен за валканици, местенки, монтажи, за бескрупулозна борба за да се дојде на власт. Правните интитуции ќе си го тераат правниот аспект и сакам да кажам дека ние сите заедно без разлика на сите фалинки, ние ако не веруваме дека имаме институции, нема никогаш да ги изградиме. Нашата идеја е д го отвориме моралниот, етичкиот аспект на темата што значи дека без разлика на сите модерни теории, сите држави во светот се создале и се одржуваат со неколку базични, да не кажа старомодни принципи и нашата идеја е едноставно да потсетиме на тие принципи, а не да натураме наши ставови и гледишта. Луѓето само да бидат учесници, креатори на таа една енергија која ќе се шири и ќе ја брани нашата татковина, затоа што ние знаеме дека секаде во светот има државни удари и менување на влади, но државата ја чуваат сите, кој колку може и на свој начин, истакна драматургот Братислав Димитров.

Тој истакна дека целта на трибините е да се создаде јасен и креативен дијалог.

-Имаме повици од разни градови и сега ќе почнеме да одиме помеѓу луѓето, речиси во сите градови. Тоа е убаво и од аспект да се слушнат луѓето во непосредна комуникација, многу од нив не се сложуваат со нас, убаво е и тоа да се чуе зошто. Ние ќе одиме таму на една интеракција на еден дијалог, отворен, јасен, креативен. Тоа се некој вид трибини, со отворен влез, слободни на кои секој што смета дека теба да дојде да поддржи, но еве и да не поддржи се добредојдени, дополни Димитров.

Граѓанското движење за одбрана на Македонија вчера доби поддршка од Кавадарци, завчера во Битола и Велес, ден пред тоа во Охрид, Прилеп и Штип.

Денес попладнево зад оваа иницијатива се потпишаа и во Свети Николе.

Платформата на ова движење  се формираше минатата недела во Скопје од група интелектуалци, актери професори и други јавни личности за одбрана и будност на граѓаните против, како што наведуваат, „поединците, групите и партиите кои се понесени од својата алчност за власт и не бираат средства, ги поткопуваат темелите и одземаат слободата на државата“.

Движењето е предводено од професорката Виолета Ачковска, драматургот и писател Бранислав Димитров Бато, Сашо Гигов Гиш, актерите Зоран Љутков, Тони Михајловски, Ванчо Петрушевски, со поддршка на синдикалецот Дојчин Цветановски, фудбалската легенда Илија Најдовски, деканот на ФИНКИ Димитар Трајанов. За краток период ова движење доби широка поддршка и се приклучија здружението на пензионерите, моторџиите преку здружението Ноќни волци, како и најголемото здружение на бранители Бедем. 

 

 

 

Оцени ја веста

11.02.2015 - 16:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа