ВАЖНО: Возачи еве каде да внимавате!

На патниот правец Катланово – Велес после наплатната станица Сопот, поради можен одрон, сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од 200 метри. Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација. 

На патниот правец Страцин – Крива Паланка, на излез од Страцин во правец на Крива Паланка, поради свлечиште зафатена е третата лента од коловозот во должина од 150 метри. Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација.

На патниот правец Кочани – Македонска Каменица, поради големи одрони од камења, сообраќајот е се уште во целосен прекин за секаков вид на моторни возила. Сообраќајот се пренасочува преку Виница - Пехчево - Делчево.

Сообраќајот на патните правци Кочани – Зрновци и Тработивиште - Разловци е во прекин поради попуштање на мостовите на реката Брегалница. Алтернативен пат за Тработивиште е стариот пат Делчево – Тработивиште.

Во општина Пробиштип, поради свлечиште и понатаму е во прекин сообраќајот за сите видови моторни возила на патниот правец Киселица – Злетово. Возилата се пренасочени од Киселица – Пробиштип – Леговец – Злетово.

Локалниот пат за с. Покрајчево кој го поврзува магистралниот пат А-4 Радовиш - Струмица, поради излевање на Радовишка Река, сообраќајот е во прекин и истиот се одвива преку с. Подареш - Радовиш.

Регионален патен правец од с. Тополчани кон с. Клепач поради премногу вода е во прекин за секаков вид на сообраќај.

Според информациите добиени од Ј.П. Македонија пат, сообраќајот на сите останати државни патишта се одвива тековно без забрани по претежно суви коловози.

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани - Делчево, Виница – Берово каде е можна почеста појава на одрони.

Од ГЕИНГ известуваат дека за потребите за изработка на проектна документација за Изградба и инсталација на електронски систем за наплатни станици во Македонија, на патниот правец А-1, делница Смоквица - Гевгелија од км.164+500 до км.166+100 (во двата правци), од 12.02.2015 ќе се започне со геодетско снимање и геотехнички истражни работи, за кое ќе се воведе времена измена на режим на сообраќај.

Ќе се поставува соодветна вертикална сигнализација за времен режим на сообраќај за работа на пат, согласно издаденото Одобрение од Министерството за транспорт и врски и изработениот Основен сообраќаен проект. Времетраењето на времената измена ќе отпочне од 12.02.2015 и ќе трае до 20.02.2015.

Работите ќе се изведуваат во временски период од 07:00 до 17:00 часот, додека пак сообраќајната сигнализација за времена измена на режим на сообраќај ќе биде поставена 24 часа на траса.

Од ГЕИНГ известуваат дека за потребите за изработка на проектна документација за рехабилитација на државен пат А-3, делница Превалец (Кочани) – Делчево, од 12.01.2015 год. започнати се активности на патот, односно геодетско снимање и геотехнички истражни работи и истите се очекува да бидат со времетраење од 5 месеци (до 12.06.2015 год.). Работите се изведуваат во временски период од 06:00 до 19:00 часот.

На делот од патот од брана Маврово до раскрсницата за село Галичник продолжуваат градежните работи. Препорачуваме повнимателно возење поради присуство на механизација и работници, а при асфалтирање можни се повремени затворања на патот.

Поради изведување работи на пат (гребење на асфалт) на патниот правец Велес - Скопје (од Штипска клучка до тунелот Катланово) сообраќајот се одвива по една коловозна лента, за што е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.

Според известувањето од ИРД Енгинееринг од 10-ти февруари 2015 година, започнуваат работи на мостот А1-69Л, на автопатот А1 (Е75), делница Велес - Катланово, на стационажа 63 + 556, вклучувајќи и должина од околу 250 метри пред и по 250 мостот. Сообраќајот се одвива по една лента и возачите се молат да внимаваат на ново поставената сигнализација. Планирано е работите да траат 3,5 месеци.

Поради извршување на градежни активности на државниот пат А3, делница Велес – Кадрифаково, сообраќајот се одвива под времен режим на сообраќај, и тоа:

- од крајот на трета лента (депонија Велес) до с. Лозово, и

- од с. Лозово преку с. Сарамзалино до клучка Кадрифаково.

Учесниците во сообраќајот треба да се придржуваат на поставената хоризонтална и вертикална сигнализација се до завршување на градежните активности.

На сите овие патни правци за изведувањето на градежните работи има поставено соодветна патна и сообраќајна сигнализација.

На 19.12.2014 година стартува времениот сообраќаен режим на забрана за движење на товарни моторни возила,чија најголема дозволена маса надминува 15 тони, на подрачјето на Град Скопје. Забраната е од времен карактер и ќе се спроведува од 19.12.2014 година до 31.03.2015 година, во текот на денот и тоа од 08 часот до 20 часот.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.

Потсетување за сите возачи на законската обврска за поседување на зимската опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март.

Служба за помош и информации на пат (02) 15 555

 

 

Оцени ја веста

12.02.2015 - 09:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега