Заев си ја напиша пресудата

Зоран Заев сам го потврди обвинението и своерачно си ја напиша пресудата. Вака правните експерти го коментираат вчерашниот јавен настап на лидерот на СДСМ во кој тој конечно ја призна соработката со Верушевски. Велат дека со неколкуте информации кои Заев и ги призна на јавноста можно е да си стави на товар и ново дело за кое веќе е осомничен и неговиот соработник Верушевски- кривичното дело шпионажа.

Заев во интервјуто за 24 вести ги погази претходните тврдења дека не се познава со екс директорот на УБК Зоран Верушевски.

Ја призна автентичноста на писмото кое го објави Сител, а кое тој преку курир му го испратил на Верушевски во кое за потсетување тој вели дека пријателите од странство веќе ја завршиле работата, дека во операцијата се вклучени луѓе на премиерот на странска држава и дека заеднички разработувале одредена проблематика.

Ако проблематиката е шпионажа и ако Заев овој пат е искрен дека се обидувал да му помогне на Верушевски да избега од Македонија за да не се соочи со затвор и да ја зачува слободата, тогаш кривичната одговорност на лидерот на опозицијата е уште поголема.

Со признанието, Заев се стави во контекст и стави свој печат на документите најдени кај Верушевски кои биле прибавени со незаконско следење и снимање или кои се класифицирани како државна тајна или строго доверливо.

-Тоа е за работна виза, за да замине во странство, за да може да оди повеќе од три месеци, оти нема примено плата со месеци. Жално е, вината му е што ја сакал својата земја како за четвртина Македонија заедно. Значи, станува збор за луѓе кои сакаат да помогнат да замине во странство и да работи. Целата содржина на писмото е таа. Да издадат работна виза за Верушевски со семејството да замине за да ја зачува слободата, изјави Заев.

– Обезбедив луѓе кои ќе му помогнат благодарение на сестринските партии. Целата содржина на писмото е таа. Претседателот на сестринска партија е и премиер на таа држава, ми посочи луѓе кои ќе ми помогнат да извадат виза за Верушевски и неговото семејство. Тој се плашеше за својот живот поради тоа што соработуваше и даваше насоки откако јас му ги доверив материјалите кои дојдоа до мене, додаде Заев.

Нејасно е зошто премиер и амбасадор на странска држава би биле лично инволвирани во процес на вадење виза за еден човек. Особено е нејасно зошто лидерот на опозицијата за ваква тема има потреба да се допишува преку курир во обид да ја скрие трагата. Визи се вадат по едноставна процедура по електронски пат со пополнување на формулари јавно достапни за сите.

И Заев и неговиот портпарол претходно тврдеа дека немаат комуникација со Зоран Верушевски

-Раководството не е во блиски односи со Верушевски, изјави Шилегов.

 

Интересно е како луѓе кои не се во близок контакт би знаеле дали Верушевски земал плата или какви чувства има за Македонија. Особено е конфузно тврдењето дека целта на контактот била да се извади виза и да се спаси од затвор човек кој наводно не сторил ниту едно кривично дело.

 

 

Оцени ја веста

12.02.2015 - 22:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега