Бизнис заедницата го прифати оперативниот план за вработување на Владата

Усвоениот оперативен план за вработување од аспект на бизнис заедницата е оценет како многу поволен бидејќи се однесува на субвенционирање, односно на средства кои се наменети директно за приватните компании кои ќе вработуваат млади лица.

Ова го истакна Митко Алексов, претседател на Сојузот на стопански комори во изјава за Сител.

-Ова е поволно бидејќи одредени компании имаат план за проширување на својата дејност и имаат потреба од нови вработувања. Меѓутоа, знаеме дека кај компаниите понекогаш и до 50 проценти од трошоците отпаѓаат на плати. Оваа мерка која ќе субвенционира директни вработувања во компаниите плус исто така ќе се субвенционираат и обуки за овие нововработени. Тоа значи дека компанијата нема да има дополнителни трошоци за доедукација на новите вработени и тие се очекува за два-три месеци веќе да почнат да бидат оперативни односно да придонесуваат и даваат резултати во компаниите, рече тој.

Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување зa 2015 година, кој беше усвоен на една од последните владини седници, опфаќа 16.226 невработени лица. Посебен акцент годинава е ставен на младите невработени лица до 29 годишна возраст, односно се предвидува околу 30 отсто од вработувањата да бидат за млади лица.

Планот содржи повеќе активни програми и мерки за вработување кој треба да овозможи стимулирање и поддршка на нови вработувања, како што се мерки за самовработување на млади лица, поддршка на раст на микро и макро претпријатија, субвенционирање за вработување на лица во социјален ризик и млади до 29 годишна возраст, обуки за напредни ИТ вештини и уште многу други.

- Предвидено е бројот на лица кои директно ќе се вработат преку овие мерки да биде околу 8.200 лица, а од нив 5.000 да бидат млади до 29 годишна возраст. За оваа намена во буџетот се предвидени 660 милиони денари, посочи вчера Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски.

Приоритет при вработувањата, како што нагласи тој, ќе биде еднаква застапеност на мажите и жените.

Со Програмата за самовработување ќе бидат опфатени 960 лица, за поддршка на микро и малите претпријатија за создавање нови работни места 200 лица, со Програмата за условен паричен надомест за субвенционирани вработувања на лица со социјален ризик е предвиден опфат на 136 лица, за субвенционирано вработување на невработени и млади до 29 години преку ослободување придонеси опфатот е 5.000 млади. Со мерката обука кај познат работодавач се предвидени 1.000 лица, а со обука на работно место со субвенционирано вработување 476 лица. Со обуката, пак, за задоволување побарувани занимања на пазарот на трудот опфатот е 220 лица, а со обуката за задоволување на побарувани занимања на пазарот на труд кај приватни спроведувачи на обуки 181 лице, обуки за напредни ИТ вештини 270 лица, практиканство 1.000 лица, а со обуките за основни вештини за вработување 2.000 лица,...

Мерките ќе се спороведуваат врз основа на јавни повици за апликација.

 

 

Оцени ја веста

15.02.2015 - 11:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега