Иванов - Грабар Китаровиќ: Продолжува добрата соработка меѓу Македонија и Хрватска

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Загреб оствари средба со новоизбраниот Претседател на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ.

На средбата двајцата соговорници изразија подготвеност за натамошно јакнење на традионално пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Хрватска и за интензивирање на соработката на билатерален, регионален и на мултилатерален план.

 Претседателот Иванов на хрватскиот претседател, Грабар-Китаровиќ, ѝ го честиташе стапувањето на функцијата и ѝ посака успех.

Македонскиот претседател изрази задоволството од досегашниот развој на односите и на соработката меѓу двете земји и подготвеност за нивно натамошно содржинско унапредување, додавајќи дека со заеднички ангажман ќе придонесеме за регионалната стабилност и просперитет.

Во тој контекст претседателот Иванов ја потенцираше важноста на „Брдо-Бриони Процесот", кој е конкретна потврда за посветеноста на Хрватска, кон јакнење на регионалната соработка и поддршката на евроатлантските интеграции за земјите од регионот.

 Во однос на македонските евроатлантски интеграции, претседателот Иванов изрази уверување дека Хрватска, како докажан пријател на Република Македонија, ќе продолжи силно да ги поддржува нашите заложби за интегрирање во ЕУ и во НАТО, и изрази благодарност за конструктивниот став дека билатералните спорови не треба да бидат пречка кон евроатлантскиот пат.

 -Позитивните примери во нашиот регион, на паралелно движење во интеграциите и надминување на билатералните разлики треба да се применат и во случајот со Република Македонија и нашиот јужен сосед", потенцираше претседателот Иванов.

 Хрватскиот претседател, Грабар-Китаровиќ, истакна дека стратешки интерес на Република Хрватска е целосна интеграција на регионот во евроатлантските структури, дополнувајќи дека ќе продолжат со нивната активна и конструктивна улога и заложби за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО.

 На средбата беше договорена динамика на размена на посети на највисоко ниво за наредниот период.

Претходно, претседателот Иванов учествуваше на инаугурацијата на новиот Претседател на Република Хрватска. Во делегацијата е и министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски.

 

 

 

Оцени ја веста

15.02.2015 - 18:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега