Јубилејно десетто издание на „Последниот чај“ од Винка Саздова

Во Македонија е вистинска реткост една книга да биде прифатена уште од првиот ден на нејзиното објавување, и повеќе од тоа – да се претвори во вистински книжевен феномен кој ќе ја разбранува културната јавност. Последниот чај, првиот роман на една од најчитаните македонски авторки – Винка Саздова, деновиве го доживеа своето јубилејно десетто издание. Уште од објавувањето во 2009 година, Последниот чај не престана да го привлекува вниманието на читателите и на критиката и да го буди интересот кај македонската и странската публика.    

Преведен и на хрватски (VBZ), бугарски (Бард) и српски јазик (Геопоетика), Последниот чај влезе во најтесниот круг за Роман на годината, Винка Саздова повеќепати беше прогласувана за најчитан автор, а нејзините романи достигнаа нов рекорд на читаност на македонската книжевна сцена.  

За овој роман, за ова прекрасно патување во Индија во потрага по самиот себе, по сопствениот идентитет и смислата, авторката Исидора Бјелица ќе напише:

„Последниот чај“ е чудесно контемплативно дело кое со својот набој го задржува вниманието подобро од кој било врвен трилер, раскажувајќи за најсуптилните аспекти на човечкото суштество. Убавината на оваа книга, која не се испушта од раце откако ќе ве воведе во својот чудесен свет, е токму во длабоката мисловност, но и непретенциозност, што е толку ретко за балканските писатели.

Еднакво високо вреднуван и фален и од критичарите и од публиката, за него ќе кажат:

По читањето на романот Последниот чај на Винка Саздова, изреката на Конфучиј: И најдолгиот пат започнува со првиот чекор може да се парафразира како: Патувањето во твојот внатрешен свет започнува со чекор кон непознатото‘.Гоце Смилевски, писател

„...Последниот чај е исклучително сочен, богат и атрактивен. Тој буквално ја сели Индија во вашата соба.“ – Проф. д-р Венко Андоновски, писател и теоретичар на литературата

Ова е роман во кој понекогаш и една единствена реченица е голема приказна врз која се останува долго време. Толку долго колку што е потребно таа да се спои со личната приказна на оној што ја чита.Сочувствителен. Љубовен. Нежен а цврст.Јагода Михајловска-Георгиева, писател

Tоа е книга што ми го смени животот. Никогаш не сум прочитал толку длабока и искрена приказна. Во неа ги најдов одговорите на сите мои прашања. Ви благодарам“. – Никола, читател

 Покрај Последниот чај, Винка Саздова е автор и на еднакво успешните Полиња со диви нарциси и Понекогаш доаѓа среќа, а во подготовка е и нејзниот нов, четврти по ред роман. 

 

 

Оцени ја веста

17.02.2015 - 09:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега