Зоните креираат третина од извозот

Компаниите од слободните економски зони креираат третина од македонскиот извоз. Податоците на Дирекцијата за технолошко – индустриски развојни зони покажуваат дека лани извозот од ТИРЗ бил за 52 процента поголем во однос на претходната година, а контрибуцијата во вкупниот извоз достигнала 31 процент. Компаниите од зоните работат со полна пареа, за годинава очекуваат уште подобри резултати и пласман, пред сè поради раздвижувањето на европската економија по одлуката на ЕЦБ, пишува Лидер.

-Ако во 2013-та година, компаниите од зоните имаа контрибуција од 24% во вкупниот извоз, минатата година тие придонесоа со 31%. Во делот на увозот, овие компаниите учествуваа со 14,5% во 2013-та, а лани со околу 19%. Сметам дека трендот на зголемување ќе продолжи, но не со оваа стапка на раст, бидејќи годинава ќе дојдат нови компании кои ќе бидат во почетен стадиум од нивната работа. Сепак, на среден рок очекувам извоз од зоните во висина од 2 милијарди евра, вели првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.

Извозот од зоните во 2014-та достигна 1,17 милијарди евра, но најважно за домашната економија е што овие компании ги продлабочуваат врските со домашните фирми, ги вклучуваат во процесот на производство како добавувачи, што создава дополнителна додадена вредност.

Годинава нови вработувања во зоните

Слободните економски зони годинава ќе прифатат нови инвеститори и ќе отворат нови работни места. Италијански „Дијатек“ веќе е во финална фаза на изградба на својот капацитет во Бунарџик. Предвидено е да се отворат 200 директни и повеќе индиректни работни места. До средината на годинава со работа треба да почне и германски „Техникал текстил“ во Штип.

-Првично ќе вработиме меѓу 500 и 600 луѓе, а за три години планираме да стигнеме до 1.000 вработувања, вели сопственикот на компанијата, Џенс Ванланд.

Кин крајот на годинава треба да стане оперативен и новиот објект на КСС во Кичево за производство на воздушни перничиња. Се работи за капацитет што ќе се протега на 13.600 квадратни метри. Во оваа компанија до крајот на годинава треба да бидат вработени 300 луѓе, бројка што двојно ќе се зголеми во 2016-та, за потоа да се стигне и до предвидените 1.000 вработувања. КСС во моментов функционира како браунфилд инвестиција во веќе постоечки објект. Преговите со Американците беа маратонски, првиот контакт бил воспоставен во 2008-та година, па следувале бројни средби и убедувања да дојдат и да инвестираат во Македонија.

Две години траеле и преговорите со германски „Костал“ за инвестицијата во Струга. И тие се успешно финализирани. Компанијата како браунфилд инвестиција почнува годинава, а производството во новиот капацитет се сели кон крајот на 2017-та или почетокот на 2018-та, со што вкупно е предвидено да се отворат 1.000 работни места. Напролет стратува изградбата и на новиот производствен капацитет на „ОДВ Електрик“ во охридско – струшката зона.

-Инвестицијата ќе оди модуларно. Во првата фаза очекуваме да инвестираме четири милиони евра, а после неколку години, кога ќе заврши реализацијата на планот, предвидено е да имаме хали од 10.000 квадратни метри и околу 1.000 вработени, вели директорот на „ОДВ Електрик“- Македонија, Огнен Цубалевски.

Ако сè оди според планот, до крајот на годинава и Прилепчани ќе тријат раце. Во првиот квартал од годинава треба да почне изградбата на фабриката на американски „Гентерм“, а според амбициозното сценарио, овој капацитет треба да биде готов до крајот на годинава. Во првите три години се предвидени 1.000 вработувања, бројка што во следните години дополнително ќе се зголемува до 2.000. Станува збор за компанија за производство на грејачи за автомобилски седишта и за волани, која во глобални рамки вработува 8.000 луѓе.
-Македонија ни обезбедува конкурентна средина за да ги реализираме нашите амбициозни планови за раст во Европа и во светот, вели претседателот на компанијата, Даниел Р. Кокер.

Годинава почнува со изградба и фабриката на „Капкон“ во Бунарџик, компанија со која веќе е ставен потпис на договорот вреден 18 милиони долари и која треба да креира 400 работни места. Од слободната зона во главниот град ќе произведува инфлатори за воздушни перничиња за клиентите од Европа. Годинава треба да почне да се операционализира и мега проектот на Веибо во Ранковце, кој предвидува изградба на интегрирана текстилна зона вредна 400 милиони долари.

Новите ќе градат, старите ќе се развиваат

Странските инвеститори кои се веќе староседелци во слободните зони за годинава имаат амбициозни планови кои предвидуваат зголемување на производството, зголемување на бројот на вработени, потесни врски и соработка со локалните фирми. Наскоро во функција треба да биде ставен и проширениот капацитет на Текнохозе.

-Со ова вложување вкупната инвестиција ќе достигне 15 милиони евра. Дејноста ќе ја задржиме, но производството ќе се зголеми за четирипати, со што ќе се отворат дополнителни 120 до 130 работни места, вели менаџерот на Витек, Џовани Поповиќ.

Зголемени нарачки регистрираат и другите компании, потреба е свежа крв и поткована работна сила.
-Моментално имаме 570 вработени, од кои 565 се од Македонија. Ние пред две години двојно ги зголемивме капацитетите и се надеваме дека до 2016-та година ќе достигнеме бројка од 680 вработени, вели првиот човек на Џонсон Мети во Македонија, Џатин Такрар.

-Досега инвестиравме 25 милиони долари, а во 2015-та инвестицијата ќе достигне 30 милиони. Сега имаме 280 вработени, а оваа бројка во 2015-та ќе достигне 350, вели директорот на Кемет, Гвидо Галени.
Раздвижено е и надвор од слободните зони. Кон средината на годинава со работа почнува Маркард во индустриската зона кај Велес, инвестиција вредна 35 милиони евра за 600 нови вработувања.

 

 

Оцени ја веста

17.02.2015 - 11:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега