На продажба 1.000 државни деловни простории за поттик на бизнис климата

Илјада деловни простории кои се во сопственост на државата се ставаат на продажба. За првиот пакет, односно за првите сто државни деловни простории лоцирани во 19 градови низ Македонија, во четвртокот минатата недела беше објавен оглас за продажба по пат на електронско јавно наддавање. Објектите се со вкупна површина од 7.253 метри квадратни и почетна проценета вредност од над 300 милиони денари.

Најголем дел од деловните државни простории се во Скопје, односно 22, по што следуваат Кичево со 11, Куманово со 9, Тетово и Битола 8, Штип 7... Листата на сите простории, точната локација и почетната проценета вредност беа објавени во огласот, а исто така достапни се и на веб страниците на Владата и на Министерството за транспорт и врски.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, на прес-конференцијата минатата недела истакна дека ова е позитивен резултат од дијалогот кој Владата го има со бизнис заедницата.

-На оваа проблематика се работеше поголем број на месеци, а реализацијата на оваа постапка е директен одговор на барањата кои што ги имаше бизнис заедницата во подолг временски период кон Владата и институциите на државата, кои што неколку пати  со аргументи тврдеа дека еден ваков процес во кој што државата оние деловни простории кои што ги има во своја сопственост, а најчесо тие се управуваат преку Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, е потребно да бидат ставени на продажба и да бидат купени од страна на бизнис заедницата, за на тој начин тие да стекнат и поголеми можности и подобри услови за да можат да ја вршат својата дејност, односно да им се овозможат определени бенефити од имотот кој го има државата, а кој преку една ваква постапка ќе биде трансфериран согласно законските процедури на приватниот сектор во Македонија, подвлече Ѓорѓиев.

Инаку, домашни и странски правни субјекти и физички лица кои се заинтересирани да купат од овие деловни простории, треба да достават апликација за учество на јавните наддавања, како и банкарска гаранција во висина од 2 проценти од проценетата вредност на објектот.

Правните субјекти приложуваат доказ за регистрација од Централниот регистар, а физичките лица за државјанство на Република Македонија. По пријавувањето, преку електронскиот систем ќе добијат податоци за денот и часот на одржување на јавната електронска аукција.

Оној субјект кој што ќе понуди највисока цена на наддадавањето, ќе се стекне со право да го купи просторот и во период од 15 дена да склучи договор со АД за стопанисување со станбен и деловен простор и да ги уплати средствата во висина на постигната највисока вредност на јавната електронска аукција.

По првиот пакет кој беше објавен, во следниот период ќе се селектираат и други со останатите деловни простори во сопственост на државата.

Според владиниот портпарол Ѓорѓиев, со продажбата на деловните простории во сопственост на државата на приватниот сектор му се дава дополнителен импакт за можностите за нивен раст во дејностите што ги стопанисуваат, а се даваат и поголеми можности и услови воопшто за подобрување на самата бизнис клима, но и конкретно на перформансот на деловните субјекти кои ќе аплицираат и ќе ги купат објектите.

 

 

Оцени ја веста

17.02.2015 - 15:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега