Парламентот на Грција денеска избира претседател на државата

Грчките парламентарци доцна попладнево ќе гласаат за избор на претседател на државата, функција за која се номинирани двајца кандидати – Прокопис Павлопулос и Никос Аливизатос.

Шансите на десноцентристичкиот политичар Павлопулос да стане претседател на Грција се речиси 100 процентни, со оглед на распределбата на политичките сили во Парламентот. Него го номинира премиерот Алексис Ципрас, што беше изненадување за повеќето политички кругови во Атина. Малата центристичка партија „Потами“ и ПАСОК, пак, предложија свој кандидат – професорот по уставно право Никос Аливизатос.

- Тежок период е, период кој бара пред се спокојство, присуство на духот, единство и одговорност, изјави Ципрас кога ја соопшти кандидатурата на Павлопулос, и додаде дека на Грција и е потребен претседател кого ќе го прифатат повеќето пратеници во Парламентот.

- Земјата конечно треба да се извлече од калта во која потона. Луѓето треба да почувствуваат гордост и надеж, рече од своја страна Павлопулос.

Согласно изборниот закон, пратениците можат да гласаат за еден од кандидатите, да се воздржат, или воопшто да не присуствуваат на седницата. Гласањето е поединечно. За да биде избран во првиот круг, кандидатот треба да освои 180 гласа во Парламентот, кој има 300 членови.

Според аналитичарите, Прокопис Павлопулос ќе биде избран за претседател на земјата со 238 гласа. Нема сомнеж дека за него ќе гласаат сите 149 пратеници на Сириза, сите 13 претставници на коалицискиот партнер Независни Грци, како и сите 76 пратеници на Нова демократија. Се очекува 19-те пратеници на „Златна зора“, која веќе најави дека нема да ја поддржи кандидатурата на Павлопулос, да бидат воздржани.

Аливизатос се очекува да освои 30 гласа, од кои 17 од „Потами“ и 13 на ПАСОК.

Комунистичката партија на Грција ќе се воздржи од гласање за двајцата кандидати.

Ако пратениците го изберат Прокопис Павлопулос, тој ќе стапи на должност на 13 март, односно следниот ден по крајот на мандатот на досегашниот претседател Каролос Папуљас.

Павлопулос (64) е професор по уставно право на Атинскиот универзитет, искусен десничарски политичар од таборот на најголемата опозициска партија Нова демократија. Тој беше министер за внатрешни работи од 2004 до 2009 година, а до 1995 година бил и правен советник на грчкиот претседател Константинос Караманлис. Кон крајот на 80-тите години, бил и министер за медиуми.

Номинацијата на Павлопулос беше големо изненадување во Грција, затоа што се очекуваше за претседателската функција да биде кандидиран еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос. Повеќето аналитичари сметаа дека тоа ќе и дадеше можност на владејачката Сириза да испрати свој човек на местото на Аврамопулос во Европската комисија.

 

 

Оцени ја веста

18.02.2015 - 14:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега