Прилеп се подготвува за 14. меѓународен карневал „Прочка“
На претстојниот 14. меѓународен карневал „Прочка 2015“ во Прилеп се очекуваат повеќе од 1.000 учесници во групни и поединечни маски од земјава и од странство, информираше на денешната прес-конференција Снежана Ристеска, советник за култура во локалната самоуправа, која со Здружението „Мечкари“ е организатор на карневалот.
Таа нагласи дека се очекува богата програма и многу гости од земјава и странство. Најавени се гости од Србија, Хрватска, Албанија, Бугарија, прв пат од Сардинија и од Турција, како и од повеќе градови од Македонија, Бегниште, Кавадарци, Куманово, Куратица, Ратево, Мокриево, Струмица. Според неа, и Гете Институтот ќе се претстави со групна маска од 140 учесници-ученици кои го изучуваат германскиот јазик од повеќе градови.
- Очекуваме да бидат изложени над 500 оригинални и инвентивни маски изработени од најразлични материјали, волна, коноп, црпки, тикви, пченка, ориз, направени со комбинирани техники. Со оваа изложба учениците од прилепските средни и основни училишта ја покажуваат својата умешност, создавајќи творби во духот на традицијата, вели Ристеска.
Според програмата в петок е традиционалната изложба на маски во Центарот за култура „Марко Цепенков“, направени од учениците од прилепските основни и средни училишта.
Свеченото отворање на изложбата ќе биде в петок во 12 часот во ЦК „Марко Цепенков“ каде ќе бидат доделени и наградите од стручното жири.
В сабота во центарот на Прилеп за доброто предкарневалско расположение ќе се погрижат жонглери, куклари, кловнови и живи статуи .
В недела е главната манифестација, кога ќе се одржи дефилето на маските на булеварот „Гоце Делчев“.
- Дефилето започнува со прилепски мечкари, тривековна традиционална маска иницирана од касапите кои ги негуваат старите обичаи. Пред илјадици граѓани и гостите од FECC мечкарите ќе го изведат ритуалот со кој се бркаат злите духови во очекување на плодна и бериќетна година. По нив следуваат мажоретките кои ќе го предводат шаренилото од маски и креации, а за најдобрите од нив жирито ќе им додели награди. Наградите се доделуваат во неколку категории и тоа: традиционална, современа групна маска, како и за самостојна маска, изјави Ристеска.
Според Ристеска прилепскиот карневал е културна манифестација, заснована врз една стара традиција на касапскиот еснаф со единствени белези претставува врвна туристичка атракција.
За Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Мечкари“ радува фактот што в недела ќе има гости прв пат од Италија и Турција.
- Мечкарите ја имаат традиционалната маска на која само се додаваат некои нови ситни елементи, а на карневалското дефиле в недела го очекуваме и претседателот на асоцијацијата на европските карневалски градови. В понеделник традиционално касапите и „мечкарите“ се собираат на манастир на традиционален посен ручек со грав со што се заокружува карневалската традиција на „Прочка“, вели георгиев.
Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески ги покани сите да дојдат в недела на гости, зашто, потенцира, карневалот е една од најголемите туристички атракции.
Оцени ја веста
19.02.2015 - 15:53
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа