Мерката за самовработување дава одлични резултати– над 70 отсто од оние кои отвориле сопствен бизнис успешно работат

Од вчера е во тек огласот за самовработување на 960 лица, кој ќе трае се до 10-ти март. Преку програмата за самовработување со почнување свој бизнис невработените лица кои се активни баратели на работа добиваат можност да се самовработат со финансиска помош од државата. Како што посочи раководителката на Центарот за вработување Скопје, Слободанка Алексовска, оваа мерка дава одлични резултати и е една од најуспешните мерки предвидени во Оперативниот план.

 

- Ова е една од најуспешните мерки којашто е дел од Оперативниот план којшто го носи Владата на Р.Македонија и дава навистина големи резултати, над 70 отсто од веќе отворените бизниси се сеуште одржливи и голем дел од нив имаат вработено нови лица, односно се развиваат и се повеќе вработуват нови лица, односно се развиваат и стануваат поголеми и поконкурентни на пазарот на трудот, истакна Алексовска.

 

Заинтересираните граѓани треба да се обратат во еден од 30-те Центри на Агенцијата за вработување низ државата или во подрачните канцеларии отворени од страна на центрите, а условот е невработено лице кошто е заинтересирано да аплицира за оваа мерка најмалку еден ден пред објавување на јавниот оглас да било евидентирано во Агенцијата како активен барател на работа.

- Со оваа мерка се предвидува оние коишто ќе аплицираат и коишто ќе го поминат процесот на селекција, што всушност представува еден еволуционен прашалник преку кој лицето ќе докаже дека навистина има идеа и сака да води одржлив бизнис, ќе добијат ваучер за едукација и обука – што значи водење на бизнис, кои се предностите, кои се слабостите,  а овој ваучер опфаќа и изготвување на бизнис план каде што ќе се опфати кој ќе биде бизнисот, за што ќе бидат наменети средствата, која опрема и репроматеријали ќе бидат купени, и исто така поддршка односно финансиска и техничка  помош  при самото регистрирање на овој бизнис. Другите средства од  185.000 денари се наменети за директно купување на опрема или репроматеријали и лицето не ги добива на трансакциска сметка, туку наведува во бизнис планот што ќе му биде потребно за водење на бизнис и од кои добавувачи би сакал истите средства да ги набави, посочи таа.

Годинава е воведена и новина која предвидува најуспешните кандидати коишто ќе имаат иновативни одржливи бизниси да бидат повторно поддржани со дополнителни средства за купување на опрема и репроматеријали.

- Освен тоа 60 фирми коишто ќе докажат дека во своите бизнис им е потребно дополнително вработување, односно дека бизнисот не може да се започне само со едно лице, ќе добијат повторно финансиска поддршка од 92.000 денари за купување на дополнителна опрема и репроматеријали. А  5-те најуспешни кандидати коишто ќе отворат бизниси од некоја занаетчиска дејност, ќе бидат дополнително поддржани со плаќање на закупнина на деловниот простор. Во првата година исто така ќе им бидат исплатени и сметководствените услуги за водење на целиот нивен бизнис, појасни Алексовска.

Сузана Блажевска е една од многуте кои започнале бизнис преку мерката за самовработување. Таа е активна, ги подмирува редовно давачките и остварува профит, преку училиштето за кинески и италијански јазик „Ни Хао“, кое започна со работа од септември месец.

-За проектот за самовработување јас дознав преку пријател кој исто така отвори свој бизнис и успеав да аплицирам во вториот циклус за самовработување 2014 година и на тој начин успеав да го основам ова училиште во месец септември и веќе да почнам да работам поинтензивно со кинескиот јазик, односно да предавам кинески јазик за да можат луѓето да се запознаат со еден нов, несекојдневен и различен јазик од тоа што постои кај нас. Грантот ми овозможи побрзо да си ја остварам целта, инаку без тој да бидам искрена ќе неможев сега во овој период да го основам, затоа што ќе ми требаше малку подолг период за да создадам некој капитал за да можам тоа сама да го направам. Грантот ми беше отскочна даска за да успеам да ги изреализирам моите способности, односно да успеам да направам нешто во Македонија кое што засега не беше познато и го немаше.

 

Засега сама го води сопствениот бизнис, но во иднина планира истиот да го прошири и да вработи повеќе лица.

-Во план ми е од месец септември следната година да вработам и повеќе професори и за други јазици, а исто така и колеги и колешки кои што ќе водат нови групи на кинески јазик.

Сузана преку грантот побрзо стигнала до остварување на сонот за отворање на училиште за кинески јазик, апелира истото да го направат сите заинтересирани кои сакаат да се впуштат во сопствен бизнис.

 

-Сакам да апелирам, особено до помладите да аплицираат за овој гранд, за да им се пружи шанса да ја добијат оваа помош, бидејќи ќе им биде многу олеснително. Јас сакав тоа сама да го направам но ми беше потребна помош, а ова ми беше само отскочна даска за да можам јас понатака да творам. Немам никаква обврзаност кон државата, туку само една голема помош.

 

 

Оцени ја веста

19.02.2015 - 16:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега