Продолжува Роуд-шоуто на Ставрески - Новосибирск се запозна со македонските потенцијали

Владина делегација на чело со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески ги презентираше инвестицискитe потенцијали на Македонија во рускиот град Новосибирск. Локалните компании се запознаа со исклучително поволната бизнис клима за водење бизнис, поткрепена со најсниски даночни стапки во Европа, како и погодностите кои за инвеститорите ги нудат технолошко-индустриските зони. Интерес пројавиле за земјоделството, производството на машини и туризмот.

Новосибирск е третата дестинација во рамки на роуд-шоуто во Руската Федерација, по Татарстан и Екатеринбург. Вчера делегацијата одржа бизнис-форум и пред бизнисмените од Екатеринбург. Сите области се карактеризираат како високо индустријализирани, динамични економии, кои даваат значаен придонес во вкупниот економски резултат на Руската Федерација.

Вицепремиерот Ставрески имаше и средба со губернаторот на Новосибирската област Васили Јурченко, на која стана збор за тековната економска соработка меѓу овој регион и Македонија, како и подобрување на трговската размена меѓу двете страни.

Во владината делегација која ја предводи вицепремиерот Ставрески се министрите за привлекување странски инвестиции Веле Самак и Бил Павлески, како и директорот на Дирекцијата за слободни технолошки зони Виктор Мизо.