Долгот се намалува - Македонија ги сервисира обврските

Македонија се профилира како партнер од доверба кога станува збор за враќање на позајмените пари од меѓународните кредитори. Расчистена е сметката кон ММФ, земјава предвреме ја исплати последната рата. Со ова продолжува позитивниот тренд на намалување на државниот и на јавниот долг, пишува Лидер.

Според податоците на Министерството за финансии, државниот долг во последниот квартал од 2014-та година се намалил за 93,3 милиони евра, а јавниот за 62,7 милиони. Државниот долг на крајот од годинава изнесувал 3.262,5 милиони евра или 38,1% од БДП, што претставува намалување од 1,1%. Јавниот долг изнесувал 3.921,3 милиони евра, односно 45,8% од БДП, за  0,7% понизок во однос на третиот квартал.

Македонија е во безбедната зона!

Македонија е во безбедната зона кога станува збор за висината на долгот. За споредба, податоците на хрватската централна банка покажуваат дека јавниот долг на оваа земјава во октомври достигнал 82% од БДП или 36 милијарди евра. Јавниот долг во Албанија во континуитет се движи над 70% од БДП. Јавниот долг на Србија на 31 јануари достигна 72,3% од БДП или 23,2 милијарди евра. Рекордер е Грција со јавен долг од 175% од БДП!

Годинава ќе продолжи намалувањето на долговите!

Годинава ќе продолжи намалувањето на долговите. Кредитот кон ММФ е вратен во целост, а за плаќање достасува и еврообврзницита од 2005-та година на сума од 150 милиони евра, која е со каматна стапка од 4,6%. Средствата се обезбедени, бидејќи лани беше искористен поволен момент за издавање на третата еврообврзници вредна половина милијарда евра, која е со рок на достасување од 7 години и каматна стапка од 3,975 проценти на годишно ниво. Ќе се менува и структурата. Долговите на централната влада се очекува да се намалуваат, додека зголемување ќе има кај јавните претпријатија преку кои се реализираат капиталните проекти.

-Со реализација на сите проекти од програмата, како новите автопати, пругата кон Бугарија, гасификацијата, изградбата на болници, училишта, водоводи, канализации, ние ќе останеме под нивото на мастришките критериуми. Македонија е на безбедно ниво на задолженост, изјави неодамна Ставрески.

Со последните уставни измени јавниот долг се лимитираше на 60% од БДП.

Раздолжувањето кон ММФ ќе ни го подобри кредитниот рејтинг

Македонија покажа дека има капацитет редовно да ги сервисира обврските што достасуваат за плаќање. Земјава предвреме и во целост се раздолжи кон ММФ. Префрлена е и последната рата од 174 милиони долари. Вицепремиерот Ставрески вели дека со ова, на камати и курсни разлики, се заштедени пет милиони евра, а јавниот и државниот долг се намалени за 1,7 процентни поени. Направени се сериозни анализи со цел да се повлече паметен потег.

-За да го пресретнеме ризикот од натамошен раст на американскиот долар и на тој начин да заштедиме пари, направивме опсежни анализи, земајќи ги предвид сите можни сценарија и проценки за натамошното движење на американската валута во однос на еврото, по што донесовме одлука дека е добро и корисно предвреме да се отплатат преостанатите 174 милиони долари, објаснува вицепремиерот Ставрески.

Се работи за кредитот земен во 2011-та година во висина од 312 милиони долари, што почнавме да го враќаме кон средината на минатата година.

Предвременото раздолжување кон ММФ се очекува да го подобри кредитниот рејтинг и имиџот на Македонија – вели универзитетскиот професор Томе Неновски.

-Има продолжени позитивни ефекти на предвремето раздолжување. Сметам дека ММФ ќе има добар и позитивен пристап, бидејќи вообичаено го следи движењето на девизните резерви и наплатно – билансната состојба на конкретната држава, особено кога треба да се одобрат некакви аранжани. Второ, сметам дека ова ќе има позитивно влијание и врз странските инвеститори при одлучувањето дали да ги реализираат своите планирани инвестиции во Македонија или не. Трето, ова би требало да има позитивно влијание и врз кредитниот рејтинг на земјава. ФИЧ го задржа стабилниот кредитен рејтинг на Македонија на ББ+, а со ова може да има и зголемување, што претставува признание за макроекономската стабилност на земјава, објаснува професорот.

Македонија и во 2007-та година предвреме се раздолжи кон ЕИБ, СБ и Парискиот клуб, со што земјава си создаде простор за задолжување кога беше најпотребно, за време на кризата, кога од огромна важност беше во стопанството да се вбризгаат свежи пари, што на крајот се покажа како исклучително паметен потег.

 

 

Оцени ја веста

03.03.2015 - 09:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега