Ѓорче Петров ќе добие нова Полициска и Противпожарна станица

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска заедно со градоначалниците на Скопје и на Ѓорче Петров Коце Трајановски и Сокол Митревски ги посети локациите на кои се градат новите објекти на Полициската станица-Ѓорче Петров и на Противпожарната едница на Град Скопје.

Полициската станица ќе има современо опремени простории за задржување на лица, простории за разговори, просторија за Народниот правобранител, дежурна служба, како и базна станица за изработка на лични документи на граѓаните. 

- Планирано е овој заеднички објект да има вкупна површина од 1.401 метар квадратен, од кои 803 квадрати се за полициската станица, а остатокот е за противпожарната единица, истакна Јанкулоска.

Министерката потенцира дека објектот на полициската станица е од посебно значаен бидејќи, како што рече, се работи за една од поголемите општини која опфаќа територија од 63 километри кавдратни со над 77 илјади жители.

Јанкулоска информира дека за изградба на станицата МВР издвоило 44.088.263 денари без ДДВ, а се очекува објектот да биде завршиен за 14 месеци.

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски појасни дека на површина од 600 квадрати на кои ќе биде сместена противпожарната единица ќе има три противпожарни возила и персонал кој ќе ја опслужува единицата. Противпожарната станица во Ѓорче Петров ќе ги опслужува и општината Сарај како и дел од општината Карпош.

Според градоначалникот на Ѓорче Петров Сокол Митревски, со новите објекти на полицијата и противпожарната единица, општината целосно ќе го урбанизира реонскиот центар, а граѓаните ќе добијат трајни и фукнкционални објекти кои ќе фунционираат во интерес на општините Ѓорче Петров и Сарај.

Новиот објект што ќе има сутерен, приземје и два ката, ќе биде изграден по теркот на современите архитектонски трендови и функционалност согласно намената. Предвидено е да има и непречен пристап за лица со инвалидитет, како и физичко обезбедување на објектот, односно ограда околу целата локација.

 

 

Оцени ја веста

04.03.2015 - 18:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега